• вторник, 05 ноември 2024

Грлиќ Радман: Реципрочно протеруваме српски дипломат

Грлиќ Радман: Реципрочно протеруваме српски дипломат

Загреб, 21 ноември 2023 (МИА) - Хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман денеска на прес-конференција го коментираше протерувањето на хрватски дипломат од Србија и најави дека Хрватска реципрочно ќе протера српски дипломат.

- Очекувавме ескалација, но не и ваков радикален потег, тоа не е вообичаено, изјави Грлиќ Радман откако Белград го прогласи за непожелна личност првиот секретар на хрватската амбасада во Србија, Хрвој Шнајдер.

Тој рече дека Хрватска презела реципрочна мерка. - Одлучивме советникот на српската амбасада во Хрватска да биде прогласен за персона нон грата на Хрватска. Нотата е доставена до амбасадорот и во неа стои дека советникот мора да ја напушти територијата на Република Хрватска, појасни Грлиќ Радман..

Тој додаде дека ги отфрлаат основите по кои хрватскиот дипломат бил протеран од Србија. „На хрватскиот амбасадор не му беше дадена причина, беше речено дека не мора да се дава причина. Не ги знаеме причините за одлуката, што е уште позагрижувачко“, нагласи тој.

На новинарско прашање за написите на српските таблоиди кои пишуваат дека хрватскиот дипломат бил протеран под обвинение за шпионажа, тој одговори: „Не ги кажаа причините, тоа е релевантно за нас. А остатокот од шпекулациите, како кому му одговара. Не го очекувавме ова, очекувавме подадена рака од Србија. Србија постапи така, ние сега само возвративме. ссм/

фото: принтскрин

 

Остани поврзан