• понеделник, 23 декември 2024

Грковска учествува на форумот „Жените во јавниот живот“ во Брисел

Грковска учествува на форумот „Жените во јавниот живот“ во Брисел

Брисел, 6 март 2024 (МИА) - Вицепремиерката задолжена за политики на добро владеење Славица Грковска денеска во Брисел учествува на форумот на високо ниво „Жените во јавниот живот“, чиј домаќин е потпретседателката на Европската комисија за вредности и транспарентност, Вера Јоурова.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, фокусот на собирот е ставен на феноменот жените да го напуштаат јавниот простор поради постојаниот ризик од насилство и омраза насочена кон нив, вклучително и онлајн.  

Настанот исто така има за цел да ја истакне важноста на родовата еднаквост во донесувањето одлуки, како и да ги идентификува предизвиците на политичкото учество на жените, особено во контекст на претстојните европски избори и да излезе конкретни решенија за поддршка на жените на јавни позиции, вклучително и преку ангажман на медиумски платформи, регулаторни тела и политичките партии. 

Воведно обраќање на собирот преку видео конференциска врска ќе имаат претседателските на Европската комисија и на Европскиот парламент, Урсула фон дер Лајен и Роберта Мецола, по што на присутните ќе им се обрати и Јоурова. 

Грковска, заедно со извршната потпретседател на Европската комисија за Европа прилагодена на дигиталната ера и еврокомесарка за конкурентност Маргрете Вестагер се најавени како главни говорниќки на форумот, а меѓу останатите истакнати жени што ќе се обратат на собирот преку видео конференциска врска се и поранешната американска државна секретарка Хилари Клинтон и словачката претседателка Зузана Чапутова. 

Во рамки на форумот ќе се одржат два панели, насловени „Жените во политиката“ и „Жените во новинарството и активизмот“, а ќе бидат искажани и сведоштва поврзани со безбедноста на жените во јавната сфера. сп/нд/

Фото: ЕК

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан