Грковска: Посветено се движиме по реформскиот пат, не смееме да дозволиме пораст на евроскептицизмот
- Имаме реформски фронт и силна политичка волја за да се исполнат стратешките приоритети на државата, чија крајна цел е подобар стандард и подобар живот за граѓаните. Но, треба да се потсетиме дека не сите досегашни влади беа вистински реформски настроени и резултат на тоа е што проблемите се таложеа без да се решаваат со години.
Скопје, 17 мај 2023 (МИА) - Имаме реформски фронт и силна политичка волја за да се исполнат стратешките приоритети на државата, чија крајна цел е подобар стандард и подобар живот за граѓаните. Но, треба да се потсетиме дека не сите досегашни влади беа вистински реформски настроени и резултат на тоа е што проблемите се таложеа без да се решаваат со години. Наместо реформи гледавме популизам и репресија, истакна вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, на панел дискусијата - „Руската агресија над Украина: Нов моментум за проширувањето на ЕУ?“, организирана од Белградскиот центар за безбедносна политика, која денеска се одржа во Скопје.
Во одговорот на прашањето за текот на реформите во државата Грковска додаде дека и покрај огромните последици од периодот на заробена држава, Северна Македонија денес посветено се движи по реформскиот пат, за што говори фактот што сега имаме фер и демократски изборен процес, почитување на човековите права, партнерски однос кон граѓанскиот сектор, систем на отворени финансии, инвеститори кои го препознаваат напредокот и огромно подобрување во поглед на медиумските слободи. Како најголем предизвик за реформскиот процес е состојбата во правосудството, каде, како што посочи вицепремиерката Грковска, и покрај сите напори, обуки и инвестирања, резултатите се далеку од задоволителни и тоа се одразува на сите останати сегменти во општеството.
-Неказнивоста и селективноста пред законот е причина за екстремно ниската доверба на граѓаните во судскиот систем, но и главна пречка за владеењето на правото во државата. Поразителна е таа нееднаквост пред законите, во која тие се обврзувачки само за обичниот граѓанин, вели Грковска, соопшти владината прес-служба.
Одговарајќи на прашање околу предлозите за алтернативи на постоечката методологија за пристапување кон ЕУ, вицепремиерката истакна дека такви иницијативи, за земји кои се во средина на процесот, само ги поттикнуваат евроскептиците да ја засилат својата кампања против приближувањето кон ЕУ, што е особено загрижувачки во контекст на војната на Русија против Украина.
-Затоа сметам дека сите треба да сме одговорни. Ние, од нашата гледна точка за исполнување на реформите, и од друга страна ЕУ, за тоа какви последици имаат ваквите предлози и постапки врз поддршката за зачленувањето во ЕУ и за зголемување на евроскептицизмот, изјави Грковска.
На настанот на Белградскиот центар за безбедносна политика, кој е независен истражувачки центар кој придонесува за унапредување на безбедноста на граѓаните во согласност со демократските принципи и почитувањето на човековите права, учествуваше и претседателот Стево Пендаровски, Весела Чернева од Европскиот совет за надворешни односи и Дарко Булдиоски, програмски директор на Отворено општество - Европа и Централна Азија. вг/нд/
Фото: Влада