• понеделник, 23 декември 2024

Грифитс: Потребни се нови разговори за мир во Судан

Грифитс: Потребни се нови разговори за мир во Судан

Наироби, 10 јули 2023 (МИА) - Судан е во граѓанска војна и на светот му треба нов форум за разговори во потрага по прекин на огнот, изјави денеска шефот за хуманитарна помош на Обединетите нации Мартин Грифитс за време на состанокот со регионалните лидери во соседна Етиопија.

По пропаѓањето на мировните преговори во Саудиска Арабија во јуни, Египет вели дека во четврток ќе биде домаќин на лидерите на соседните земји на Судан во потрага по мир.

-Немаме место, форум, каде што се присутни две страни, каде што можеме да ги посредуваме основните договори што ни се потребни за да ги преместиме залихите и луѓето, рече Грифитс.

Тој го нарече Судан најтешкото место во светот за пристап до хуманитарните работници и предупреди дека кризата само ќе се влоши со ширењето на борбите во нови области.

-Треба повторно да ја создадеме атмосферата што ја имавме некое време во Џеда, рече тој за претходните разговори со посредство на Саудиска Арабија и САД.

Конфликтот во Судан избувна во средината на април, откако неколкумесечни тензии меѓу генералот Абдел Фатах Бурхан и неговиот ривал, генералот Мохамед Хамдан Дагало, командант на паравоените сили за брза поддршка (РСФ), избувнаа во отворени борби.

Армијата и РСФ досега преговараа за најмалку 10 привремени прекини на огнот, но сите пропаднаа. Ријад и Вашингтон ги обвинија двете страни дека не ги почитуваат договорите. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан