• понеделник, 23 декември 2024

Грин: Американската поддршка за Тајван е цврста и принципиелна

Грин: Американската поддршка за Тајван е цврста и принципиелна

Тајпеј, 4 септември 2024 (МИА) - Високиот американски претставник во Тајван, Рејмонд Грин, изјави денеска дека американската поддршка за оваа земја е „цврста и принципиелна“, додавајќи дека САД ќе продолжат да ги исполнуваат своите обврски за да се осигура дека островот ќе се брани од кинеските закани, јави Бета.

САД „ќе продолжат да ги поддржуваат напорите да се спротивстават на секое прибегнување кон сила или други форми на принуда против Тајван“, рече Грин, цитирајќи го Законот за односи со Тајван, што обезбеди таква поддршка по прекинот на формалните дипломатски односи со Тајван во 1979 година, кога Вашингтон ги нормализираше односите со комунистичката влада во Пекинг.

Грин јасно стави до знаење дека Тајван е врвен америкаски приоритет, особено безбедноста на пловидбата во клучниот Тајвански теснец што го дели островот од самата Кина.

САД испратија надградени и нови борбени авиони Ф-16 во Тајван, додека тенковите Абрамс и друга опрема пристигнаа или се во подготовка, а Тајван го проширува производството на домашно оружје, вклучувајќи подморници и ракети земја-воздух.

Досегашната американска помош за Тајван, од 2010 година досега, изнесува приближно 38,4 милијарди американски долари, вклучително и повеќе од 6,4 милијарди долари под администрацијата на Бајден, заедно со еквивалентот на 345 милиони долари трансфер на оружје од постојните американски резерви.

Грин од пред два месеци е директор на Американскиот институт во Тајван, што го прави де факто американски амбасадор на островот со 23,5 милиони жители кој одржува силни трговски, културни и политички врски со САД.

Тајван беше главен проблем при минатонеделната посета на американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан на Кина, што имаше за цел да ја одржи отворена комуникацијата во односите меѓу двете земји, што во последните години се сè позатегнати.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан