• недела, 22 декември 2024

Граѓаните на САД должат 15,6 билиони долари

Граѓаните на САД должат 15,6 билиони долари
Вашингтон, 8 февруари 2022 (МИА) – Вкупниот долг на населението на САД достигна 15,6 билиони долари на крајот на 2021 година, покажуваат денешните податоци на Федералните резерви на округот Њујорк. Само во четвртиот квартал од минатата година американските граѓани го зголемиле долгот за 333 милијарди долари, а во целата година за нешто повеќе од 1.000 милијарди долари (еден билион долари), пренесува Си-Ен-Би-Си. Според филијалата на ФЕД во Њујорк, зголемувањето на долгот на домаќинствата во последните три месеци од минатата година е најголем во првиот квартал од 2007 година, додека годишниот раст на долгот е најголем досега од 2003 година, кога почна да се води евиденција. Во врска со високиот долг на Американците, Си-Ен-Би-Си предупредува дека оваа година се очекува ФЕД да почне да ја зголемува референтната каматна стапка за да ја ограничи инфлацијата, која достигна највисоко ниво во речиси 40 години, што директно ќе влијае на трошоците за задолжување, од хипотекарни заеми до кредитни картички. На пазарите на капитал се проценува дека американската централна банка од март ќе почне да ги зголемува каматните стапки, а годинава ќе има најмалку пет зголемувања во вкупен износ од 1,25 процентни поени. Голем дел од зголемувањето на долгот на домаќинствата произлегува од хипотекарните заеми, кои го зголемија салдото за 890 милијарди долари за една година и за 258 милијарди долари во четвртиот квартал, на речиси 11 билиони долари. Долгот на кредитните картички се зголеми за 52 милијарди долари во последните три месеци од минатата година, што е нов квартален рекорд кој го зголеми вкупниот долг во таа категорија на 860 милијарди долари. Поради брзиот раст на цените, салдото на автомобилските кредити се зголеми за 90 милијарди долари, или за 6,6 отсто, на 1,46 билиони долари. Цените на новите автомобили во САД минатата година скокнаа за 11,8 отсто, додека користените автомобили пораснаа за неверојатни 37,3 отсто, според податоци на Министерството за труд. Единствена категорија на долг на домаќинствата кај која има мал пораст се студентските кредити кои за една година пораснале за само 20 милијарди долари, додека во четвртиот квартал дури благо се намалиле, пишуваат американските медиуми. јт/

Остани поврзан