• понеделник, 23 декември 2024

Граѓаните на Виница одлучија да се реализира проект од заштитата на животната средина и енергетската ефикасност

Граѓаните на Виница одлучија да се реализира проект од заштитата на животната средина и енергетската ефикасност

Виница, 17 ноември 2023 (МИА) – На првата воведна сесија од проектниот Форум во заедницата, што попладнево се одржа во Виница, граѓаните одлучија да се реализира проект од областа на заштитата на животната средина и енергетската ефикасност.

Виница е една од десетте општина во државата кои се опфатени со втората фаза на проектот „Зајакнување на општинските совети“, што се реализира во рамки на Програмата за развој на Обединетите Нации – УНДП, Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа.

-Интересот на граѓаните за вклучување во форумската расправа е голем и тие одлучуваат кои се приоритетите за социоекономски развој на општината и активностите што може да се спроведат за подобрување на состојбата на локалната заедница. На првата сесија беа предложени три теми, а тие избраа за која ќе дебатираат и од која област ќе биде проектот што ќе биде финансиски поддржан. Со само еден глас повеќе од темата јавни дејности, одлучија приоритет да биде заштитата на животната средина. Во наредниот период ќе се организираат четири форумски сесии и една последователна, откако проектот ќе се реализира, истакна Драгица Горгиева, модераторка на Форумот во заедницата во Виница.

Четирите форумски сесии треба да завршат до крајот на јануари идната година, а по јавните расправи и гласањето за најдобриот предлог, ќе биде избран проектот што ќе се реализира на терен. За него е обезбедена грант поддршка од УНДП во висина од 50 илјади американски долари, како и учество на Локалната самоуправа со средства од општинскиот буџет.

Проектната активност што ќе биде избрана треба да се имплементира до почетокот на септември 2024 година, по што ќе се одржи последователната, завршна форумска сесија. та/мд/

фото: МИА

Остани поврзан