Граѓаните на Бардовци ја поздравија одлуката на Владата за дислоцирање на Прифатниот центар за странци
- Долга беше борбата, веќе три месеци сме на улица. Направивме бројни средби со клучни политички фигури во нашата држава. Сепак, конечната заложба од македонски политичар, а со тоа подоцна и ре
Скопје, 26 октомври 2021
Ние, Граѓаните од Бардовци, Ве информираме дека ПОБЕДИВМЕ во борбата да се дислоцира Прифатниот центар за странци, кој започна да се гради во нашата населба. Долга беше борбата, веќе три месеци сме на улица. Направивме бројни средби со клучни политички фигури во нашата држава. Сепак, конечната заложба од македонски политичар, а со тоа подоцна и решението беше постигната на средбата во саботата (23.10.2021 година), помеѓу организациониот одбор на Граѓаните на Бардовци со министерот за правда во Владата на Република Северна Македонија, Бојан Маричиќ.
Притисокот на Бардовчани вроди со плод. Се боревме за иднината и сигурноста на нашите деца и успејавме во тоа. Среќа што конечно наидовме на слух од страна на Владата и на денешната владина седница беше стопирана изградбата на Прифатниот центар за странци и ќе се бара ново место каде што тој ќе биде изграден.
Горди сме да истакнеме дека овој успех се должи единствено на упорноста на сите жители на Бардовци и заложбата на министерот за правда. Иако направивме бројни средби со различни политички структури и политичари, мораме да потенцираме дека победата се должи единствено на нашата борба и ниту една политичка партија или поединец од политиката немаат во тоа никаква заслуга. Не сакаме според познатата „после војна сите се генерали“ на нашиот труд и мака да се надоврзат разни профитери. Борбата и успехот во неа се должи единствено на ГРАЃАНИТЕ НА БАРДОВЦИ! Секако, тоа ќе го потврди и македонската влада која ете, најде слух за најголемиот проблем кој во последно време ги мачеше жителите на оваа скопска населба.
Утре, 27.10.2021 година, повторно ќе бидеме пред Влада, но овој пат да ја поздравиме и да ја овековечиме одлуката на Владата за дислокација на Центарот за странци од Бардовци, но и да го поздравиме министерот Маричиќ, кој поради својата заложба навистина ќе има посебно место помеѓу нас Бардовчани! Секако, сакаме да им оддадеме посебно признание и на македонскиот претседател г. Пендаровски и шефот на Делегацијата на Европската Унија во нашата држава, Гир, кои веднаш и безрезервно нè примија и сослушаа, нас Граѓаните на Бардовци.
Организациски одбор на Граѓаните на Бардовци
___________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.