• понеделник, 23 декември 2024

„Градете ја својата иднина, користете ги парите паметно“ - тема на Глобалната недела на парите 2022

„Градете ја својата иднина, користете ги парите паметно“ - тема на Глобалната недела на парите 2022
Скопје, 21 март 2022 (МИА) - Координациското тело на финансиските регулатори за финансиска едукација и финансиска инклузија, во соработка со асоцијациите и институциите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто се активни во доменот на финансиската едукација, десетта година по ред ја одбележуваат Глобалната недела на парите од 21 до 27 март 2022 година.

Како што соопшти Народната банка, годинашнава тема „Градете ја својата иднина, користете ги парите паметно“ (Build your future, be smart about money), ја доловува важноста на размислувањето за сопствената иднина при донесувањето важни финансиски одлуки. Оваа тема не само што ги поттикнува младите луѓе да размислуваат за иднината, туку и ги охрабрува организациите учеснички на Глобалната недела на парите да размислуваат за иднината кога ги планираат своите активности за 2022 година, обезбедувајќи флексибилност за решавање на прашањата од областа на финансиската одржливост и дигитализацијата на финансиските услуги.

Активностите за време на Глобалната недела на парите и годинава, поради пандемијата на ковид-19, главно ќе се одвиваат преку е-предавања и објави на едукативни материјали на интернет-страниците на институциите и социјалните мрежи. Предавањата ќе бидат наменети за учениците од основните и од средните училишта од нашата земја, на теми од областите што ги покриваат одделните институции, поврзани со функционирањето на финансискиот систем.

-Народната банка ќе организира едукативен караван за учениците од основните училишта од руралните средини, виртуелно предавање и едукативен квиз за учениците од средното економско училиште и ќе објави едукативна инфографика. За време на Глобалната недела на парите ќе се одржи и националниот натпревар за Европскиот квиз на парите 2022 година во чија организација е вклучена и Народната банка, наведуваат од Народна банка.

На  светско ниво, Глобалната недела на парите се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година поради пандемијата, при што од 2021 година се одржува во организација на Организацијата за економската соработка и развој (ОЕЦД). Оваа глобална иницијатива, којашто досега се одбележува во повеќе од 176 земји во светот, во која се опфатени 53 милиони деца и млади, ја подигнува свеста кај младите за финансиската едукација и ги зголемува нивните знаења за парите, штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Секоја година, младите луѓе разговараат, читаат и учат за економските и за финансиските системи преку најразлични активности што ги спроведуваат финансиските и образовните институции. вг/са/

Остани поврзан