• петок, 22 ноември 2024

Гори на повеќе места во државата, пристигнува помош од Црна Гора и Франција

Гори на повеќе места во државата, пристигнува помош од Црна Гора и Франција
Скопје, 11 август 2021 (МИА) – Продолжуваат напорите за гаснење на пожарите, кои се уште се активни на повеќе места во државата. Критично е во кумановскиот и прилепскиот регион, но и во селото Побожје, каде вчера беа запалени три куќи. На терен заедно со нашите, интервенираат и екипите од Австрија, Словенија, Бугарија и Романија, а за денеска најавена е и помошта од Црна Гора и Франција. Од Министерството за одбрана информираат дека Црна Гора ќе испрати хеликоптер Бел 412, но и екипаж од четири лица, како помош при справување со пожарите, откако Советот за одбрана и безбедност на Црна Гора донесе одлука да го одобри ова барање на министерката за одбрана на Црна Гора, Оливера Ињац. Помошта од Црна Гора доаѓа како резултат на барањето упатено од министерката за одбрана Радмила Шекеринска до нејзината црногорска колешка Ињац, а ќе биде имплементирана преку НАТО координативниот центар за одговор при кризи EADRCC. И Франција денеска ќе се приклучи во напорите за гаснење на пожарите. На располагање ќе имаме тројца генерали од пожарникарската служба на Франција, кои се едни од најдобрите експерти за високо ризични пожари. -Помошта од Франција ќе биде надополнета и со високо софистицирана опрема сочинета од дронови со француски пилоти/оператори, кои многу ќе помогнат во делот на идентификување, мапирање и рано информирање на подрачјата потенцијални жаришта на пожари, како важен дел од севкупната операција за сузбивање на пожарите, соопшти вчера министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Во текот на целиот период додека беснеат пожарите во земјава, припадниците на Армијата се на терен заедно со пожарникарите. Според министерката Шекеринска, токму Армијата беспоштедно излезе во борба со пожарите, за своите граѓани и својата држава. Таа посочи дека Армијата и нејзините припадници покажаа дека секогаш и секаде се први да одговорат на барањето на граѓаните и на државата, да се вложат со целиот капацитет, со целото знаење со целата нивна опрема за да спасат прво човечки животи, а потоа да ги спасат и материјалните добра и природните добра на државата. – Ангажирани беа и се уште се, сите капацитети на Армијата, човечкиот потенцијал и нашите воздухоплови за кои во ниту еден момент практично немаше простор за одмор. Ангажирани се пешадиски единици од Командата за операции, Првата бригада, специјалните сили и целосно беа ангажирани припадниците и воздухопловите на воздухопловниот ВИНГ, потенцира Шекеринска. Ангажирани се вкупно 1.614 припадници на Армијата на вкупно 12 локации на цела територија на државата, претежно на непристапен терен зафатен со пожар. Помош при гаснење на пожарите, освен пожарникарите и претставниците на Армијата, даваат и екипите од Австрија, Словенија, Бугарија и Романија. Според информациите на командантот на Воздухопловниот ВИНГ, полковник Стојко Пејовски заклучно со вчерашниот ден реализирани се огромен број летови, како на домашните, така и на странските хеликоптери и авиони вклучени во гаснењето на пожарите, при што се исфрлени 850 тони вода. Вчера во кампот кај Пехчево беше повреден австриски пожарникар, и беше префрлен на скопската клиника каде му е укажана помош. Пожарите не стивнуваат веќе десетти ден по ред, и тоа на повеќе места во државата. Вчера беа запалени три куќи кај селото Побожје, поточно во Чучер Сандево во Скопје, каде гореше во текот на целиот ден, но подоцна беше локализиран. Уште се активни пожарите во кумановскиот регион, во Агино Село, но и во прилепскиот регион, кај селото Средорек. Во Македонски Брод активни се пожарите кај селата Девич и Слатина. Гори и во Пехчево - Берово, кај местото Бајаз Тепе.

Пожарот во Сарај, кај селата Раовиќ и Буковиќ е уште активен и вчера во повеќе наврати дејствуваше авионот на романското воено воздухопловство. 

Активен е и пожарот во Петровец, село Дивље кај м.в. Крушје, но и оној во Прилеп, Топлица кон селото Крстец.

Инаку, по неколкудневна борба со огнената стихија над селото Будинарци, вчера попладне пожарот беше совладан. Со тоа, целосно е изгаснат големиот шумски пожар кај реонот на општините Пехчево, Делчево и Берово. бт/са/

Остани поврзан