Голгетерот Мирчевски потпиша за српскиот прволигаш Бачка Топола
- Најдобриот стрелец во есенскиот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) Мартин Мирчевски ги напушти редовите на струмичкиот прволигаш Академија Пандев и кариерата ќе ја про
Струмица, 3 февруари 2022 (МИА) – Најдобриот стрелец во есенскиот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) Мартин Мирчевски ги напушти редовите на струмичкиот прволигаш Академија Пандев и кариерата ќе ја продолжи во членот на српската Супер лига, ТСЦ Бачка Топола.
Мирчевски заминува од Академија Пандев по само една полусезона во која се истакна со својата голгетерска форма и ги напушта македонското првенство како најдобар стрелец во актуелната сезона со 16 голови на 18 натпревари.
- Интересот за најдобриот стрелец во ПМФЛ беше голем. Сепак, единствен тим кој достави конкретна понуда беше ТСЦ Бачка Топола, а таа понуда се совпадна и со желбата на фудбалерот да оди чекор напред во кариерата. Минче ти благодариме за сè што постигна за нашиот клуб за толку краток период. Продолжи со исто темпо и во новата средина, соопшти вечерва Академија Пандев.
Мирчевски (24) претходно во кариерата настапуваше за македонските екипи Вардар, Пелистер и Победа, како и за косовска Трепча. ег/вј/