• петок, 18 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Годинава ќе биде консолидирана конструкцијата на монументалниот иконостас во Прилеп

Годинава ќе биде консолидирана конструкцијата на монументалниот иконостас во Прилеп

Прилеп, 13 април 2025 (МИА) - Конечно ќе се зацврсти носечката конструкција на монументалниот иконостас во прилепската црква „Свето Благовештение“. Стручњаците на Завод и музеј Прилеп ја прават неопходната стабилизација, а резбата ќе добие реконструкција и конзервација за да се зачува овој сакрален споменик на културата. Се смета за капитален проект кој годинава доби над 2 милиона денари.

Директорка на Завод и музеј од Прилеп, Мимоза Христоска, изјави дека од почетокот на работите на заштита и конзервација на овој споменик во 2020 година, годинава се добиени најмногу средства за да може да се направи она што треба - конструктивно консолидирање на самиот иконостас.

-Значи, да го прицврстиме. Надворешно не може да се види разликата, зашто сето зацврстување ќе биде од внатрешната страна, од страната на олтарот. Надворешно, резбата ќе добие тонирање и на зацврстување на отпаднати делови, кои во текот на изминатите години се собирани кај свештениците, а имаме и делови кај нас при самото конзервирање. Реставрација ќе се изврши и на отпаднати, сега непостоечки делови на иконостасот и тие делови ќе се вметнат, објаснува директорката Христоска.

Оваа година ќе биде завршен коструктивниот дел на иконостасот.  Нема опасност од паѓање, уверуваат од прилепскиот Музеј. Останува да се реализира и финалниот дел од проектот – движното културно наследство, иконите да бидат дел од иконостасот. 

-Сите икони кои се на иконостасот, а се сметаат за движно културно наслчедство, се дел од следната фаза. Ќе се зацврстат престолните икони во долниот и оние во горниот дел од иконостасот, посочи Христоска.

Проектот е во фази веќе петта година. Отстранета е опасноста од црвојаднина. Ќе се зајакнува со дополнителни столбови.

Иконостасот со димензии од 16 на 7 метри е ремек-дело на тајфата на Петре Гарката и е стар колку и црквата – 187 години. Иконостасот е меѓу трите најимпозантни во државава, заедно со иконостасиоте во Бигорскиот манастир и во црквата „Свети Спас“ во Скопје, и е најголем од нив. ем/хс/

Фото: МИА

Остани поврзан