• понеделник, 23 декември 2024

Гиновска-Илкова за МИА: Патот до успехот е тежок и макотрпен, покрај талентот, клучни се дисциплината и посветеноста

Гиновска-Илкова за МИА: Патот до успехот е тежок и макотрпен, покрај талентот, клучни се дисциплината и посветеноста

Струга, 25 февруари 2024 (МИА) - Дисциплина, посветеност, одговорност и талент се клучни за успехот на една оперска певица, вели оперската дива Весна Гиновска - Илкова. За неа операта е емоција, а уметникот треба да мотивира, стимулира, пренесува и да гради мостови.

Првенката на Националната опера и балет со 30-годишно искуство на сцената, над 20 главни улоги и единствен оперски пејач кој направи четири-пет комерцијални концерти, во интервју за МИА со восхит говори за професијата и за пеењето. Нејзината порака до идните генерации е дека патот до успехот е тежок, макотрпен, послан со препреки, но потребна е упорност, истрајност и доследност во желбата да се успее.

- Младите уметници во денешно време сакаат успехот да дојде многу брзо. Тој не доаѓа така. Успехот не доаѓа веднаш, патот е тежок, макотрпен, послан со препреки, со сопки, но треба да бидат упорни, истрајни, доследни во својата желба и најбитно е дека границите за уметноста, за музиката се отворени. Како што и претходно кажав, ние градиме мостови. Дали тоа ќе биде претстава која ќе биде надвор од нашата држава или претстава која ќе биде надвор од нашиот театар, не е битно, битно е да се работи и да се создава, да се креира, да се биде доследен на својата работа и на својата професија, вели Гиновска - Илкова.

Интервјуто го пренесуваме во целост:

Водечки оперски драмски сопран во државата во последните 25 години, певица со софистицирано пијано, беспрекорна вокална техника, огромна музикалност, харизма и силно сценско присуство. Професор сте на Факултетот за музичка уметност по соло пеење. Дипломиравте во класата на професорката Милка Ефтимова, магистриравте во Белград во класата на професор Радмила Бакочевич. Кои беа вашите почетоци? Кога почна љубовта кон музичката уметност?

- Оперската музика беше стимулирана од моите родители и од мојот класен раководител, кој во основното училиште предаваше музичко воспитување. Мојот татко беше голем вљубеник во уметноста, операта и сакаше да изучувам музика. Од друга страна влијанието на наставикот по музичко образование исто така имаше удел. На седум годишна возраст влегов во нижото музичко училиште и го почнав својот пат. Тогаш ниту знаев дека ќе бидам оперски пејач, ниту знаев дека ќе стигнам до ова што сум денес. Јас само сакав да пеам. Тоа беше мојата желба. Започнав со изучување на виолончело во нижото музичко училиште „Илија Николовски Луј“ во Скопје. Во осмо одделение требаше да се насочам што сакам понатаму да правам. Немав дилема дека ќе продолжам во средното музичко училиште, кај професорката Милка Ефтимова. Така почна и мојата средба со операта и мојата работа со професор Ефтримова. Во наредните осум години, до дипломирањето бев нејзин ученик. Слушање музика и оперски пеачи од златниот период на операта, Калас, Тебалди, Ското, Кабаје, Сатерленд и др.

Соло пеењето го завршувам и дипломирам со највисока оцена, за по дипломирањето да заминам во Бугарија, каде посетував мастер класови на Рајна Кабајванска. Но, правото продолжување на студиите ми беше во Белград, кај примадона Радмила Бакочевиќ, нешто подоцна кога веќе бев влезена во работен однос. Првите две години како голема надеж, театарот ме покани на аудиција и се создадоа услови да бидеме вработени една генерација солисти и почнавме да ги креираме нашите ликови во театарот.

Како ги доживувате улогите на сцената?

- Начинот на пристапот на работа кон секоја улога на самиот почеток ми е ист. Тоа подразбира дека треба да се научи улогата, музички и треба да се совлада текстот. Тоа се двете основни компоненти. Понатаму развојот на самиот лик зависи од тематиката, либретото, структурата на која е напишан ликот. Верувајте дека секој лик, односно секое оперско дело, секоја претстава бара максимална посветеност во однос на креирање на ликот, донесување до еден степен каде што ќе се чуствувам на сцената дека сум комотна, сигурна, стабилна, дека нема ништо да се случи во однос на текстот или музичкиот дел, дека ќе ми помине нешто несработено. Просто е, работа на финеси. Се оживува ликот на суптилен начин, зашто операта е емоција и состојба на духот.

Треба да направам публиката да го почувствува она што јас го пренесувам. Дали е тоа израз на љубов, љубомора, страв или пак бес, нервоза или било што. Тоа мора да помине низ моето тело, и таа моја емоција да ја пренесам до публиката до секој еден слушател. Тоа е тешко. Навистина е тешко. На крај на краштата и ние сме луѓе, не секогаш како пејач го имаш тоа чувство. Тука е големината на уметникот да го ограничи оној живот надвор од театарот, а кога ќе влезе во театарот буквално е човек од операта.

Кои опери ви се посебно драги, да издвоите некој концерт, настап?

- „Турандот“, „Тоска“, „Батерфлај“, „Трубадур“, „Боеми“, „Лејди Магвед“, „Аида“... тоа се се улоги со кои сум имала настапи, гостувања со диригенти, колеги исклучиво во национални театри. „Џоконда“ е исто така една претстава за која нема да ја заборавам никогаш нејзината подготовка. Големи турнеи, кои траеле по два до три месеци. Големи одрекувања се во прашање, и голема поддршка од семејството.

Триесет години на сцената, добитник сте на голем број признанија и награди. Може ли да ни издвоите кои ви се посебно драги?

- Државната награда „Свети Климент Охридски“ што ја добив во 2019 година, „13 Ноемвриската“ на Град Скопје во 2002 година ми беше прва општествена награда, наградата „Виртуози“ од моите колеги за музички уметник на годината.... Но, Државната награда е круна на целата моја работа.

Кој е патот до успехот?

- За нашата работа најбитна е дисциплината и посветеноста и мудроста, без разлика колку и да имаш голем талент, доколку ги немаш овие предиспозиции неможеш да успееш како оперски пејач. Мора да се работи посветено кон својата професија. И ден денеска после 30 години ако ме прашате кога би се навратила што би сакала да бидам, јас ќе ви кажам дека истиот пат би го одбрала.

Каква е уметничката реалност кај нас, каква енергија треба да шири уметникот?

- Уметникот треба да мотивира, уметникот треба да стимулира, уметникот треба да пренесува, да гради мостови. Во суштина и музиката е градење мостови. Да создава, да твори. Тоа е во сржта на секој уметник. Кај нас уметноста осцилира, некогаш е горе некогаш е долу. Уметноста е јавна, затоа што секој уметник на сцената излегува и го покажува она што го знае и умее најдобро да го работи. Нашата работа е јавна и нашата работа се гледа на сцената. Тука не смее да има компромис. Тука мора да има квалитет. Театарот тоа го заслужува и како единствена оперска куќа во државата така треба да биде, најквлитетните и најдобрите треба да се во театарот за да го носат созреваат, растат и да го создаваат репертоарот на куќата. Во театарот има многу оперски бардови, Васка Биџова, Анастасија Димитрова, Ана Липша Тофовиќ, Милка Ефтимова, Анастасија Низамова Мухиќ, диригенти Фимчо Муратовски, Александар Лековски, Ѓорѓи Божиков... Тоа е генерација од златното време на операта. Ние сме средната генерација на операта.

Дали и сега е така? Дали се бира квалитет или има и други критериуми?

- Има квалитет. Барем кај солистите има квалитетни млади пејачи кои полека, полека си го градат својот репертоар и кои се надевам еден ден ќе го држат и репертоарот во театарот. За изградба на добар глас треба зрелост и време. На повеќето од нив сум им била професор, знам како работеле и се развивале. И верувам во нив што е најбитно.

Како професор по соло пеење на Факултетот за музичка уметност може ли да на правите споредба како се студираше кога Вие бевте студент и сега, дали се задржаа стандардите и квалитетот?

- Има разлика, обемот на материјалот кој се изучуваше беше пообемен. Лично, се придржувам до тие стандарди и покрај тоа што програмските студии се менуваат, како и трендовите на техниката во пеењето. Мора да ги научат и кога ќе излезат од факултет да бидат подготвени и да знаат, да ги познаваат сите епохи во операта, дали е тоа периодот на барокот, класицизмот, романтизмот, современите автори, македонските композитори, македонски дела.... И во програмата е ставено изведба на наши композитори што почесто. Тоа е многу битно за стимулација на творење, пишување. Домашната музика мораме да ја негуваме, кој ако не ние. Студентите редовно настапуваат и на концерти кои ги организира Факултетот и надвор од Факултетот. Мораме да го почитуваме она што е од нашето поднебје и да си се почитуваме ние како пејачи и како луѓе.

Во однос на стандардите, беа високи, но некои работи немавме на дланка. Јас морав да отидам во „Југотон“ или да нарачувам за да ми донесат касета со претстава или плоча од некоја изведба. Сега тоа го има само на еден клик. Буквално се е достапно. Им кажувам на моите студенти, имате се на дланка, ние сме немале. Денеска Факултетот има професорски кадар со кој може да се гордее Музичката академија во Скопје. Сите се магистри, доктори на науки и сите, тука мислам и на инструменталистите, имаат свои настапи, концерти. Но тоа се моја генерација, средна генерација. Генерација која е дојдена од она време. Какви ќе бидат новите генерации ние сме тие што треба да бидеме одговорни за тоа каков кадар ќе се проследи на Музичката академија.

Колку студентите ги прифаќаат вашите совети?

- Ги профаќаат. Моите студенти откако ќе дипломираат работат во театарски куќи низ Европа и многу често знаат да се јават, да ми пратат снимка да ги слушнам да видам како работат, до каде се, како се развиваат итн.

Има ли во Македонија студент, соло пејач што еден ден би можел да ве наследи или можеби ќе биде приближно до вас?

- Постојат гласови. Има колеги кои работат. Мене ми е многу драго кога сите го следат мојот пат. Убаво е чувството што ја почитуваат секоја моја реченица или го почитуваат секое мое мислење и на некој начин го интерпретираат. Тоа мене ме исполнува, значи успевам да влијаам на луѓето, што е многу битно. Да дадам еден позитивен пример. Една моја колешка неодамна рече: „Професорке како вие што сте почнале и јас сакам така исто по вашите стапки да одам“. Нема проблем, јас ќе ти помогнам, тука сум. Но, не сакам да се скока редот, тоа ми пречи. А тоа го има кај младите генерации. Мора да се научат дека треба работите да ги добиваат чекор по чекор, затоа што има колеги, кои се постари од нив и јас ако почувствувам некаде дека некој некого сака на било кој начин да го прескокне не дозволувам.

Каква порака ќе испратите до младите уметници?

- Младите уметници во денешно време сакаат успехот да дојде многу брзо. Тој не доаѓа така. Успехот не доаѓа веднаш, патот е тежок, макотрпен, послан со препреки, со сопки, но треба да бидат упорни, истрајни, доследни во својата желба и најбитно е дека границите за уметноста, за музиката се отворени. Како што и претходно кажав, ние градиме мостови. Дали тоа ќе биде претстава која ќе биде надвор од нашата држава или претстава која ќе биде надвор од нашиот театар, не е битно, битно е да се работи и да се создава, да се креира, да се биде доследен на својата работа и на својата професија.

Јас сум секогаш за оние кои се работници во својата работа, си го сакаат својот занает. За нашата работа нема напишано книги, нашата работа е макотрпна. Работење на создавање на еден тон, може тоа да трае со години, а може и никогаш да не го добиеш она што го сакаш. Значи тешка е, се базира на истражување. Цело време истражувам, барам, пробувам... Телото низ текот на годините се менува, и начинот на пеењето и техниката на пеење мора да се менува во склад со телото. Денешните млади генерации од една страна ја немаат таа фокусираност која ние како генерации сме ја имале, но од друга страна имаат поголема храброст од нас. Тие знаат да кажат „не“, тие точно и јасно знаат може и да сменат и три-четири работни места за да го добијат она што го сакаат. Многу се по храбри од нас. Додека нашите генерации беа кога се велеше вработи се и парче леб да имаш.

Од една страна ја имаат оваа храброст во себе и самодоверба, а од друга страна ја немаат долготрајноста, издржаност во желбата. Сакаат сега веднаш да може да се случи во моментот. Немаат поголемо трпение. Наеднаш да бидат популарни да бидат ѕвезди. За да добиеш вистински успех треба време и трпение, концентрација, фокусираност и посветеност на работата.

Посакувате ли да се видите на некоја голема сцена?

- Сум настапувала на големи сцени, амфитеатри, национални театри, турнеи со театарски куќи, и се уште работам. Предизвик ми се улогите, ликовите во делата. Тоа ме инспирира. Имам над 20 главни улоги, широк дијапазон на оперски дела, многу концерти, различни музички концепти и соработки. Тоа е богатство. Реализирана во секој поглед.

Имате ли неостварени желби и кои се вашите идни предизвици?

- Неостварени желби, можеби ќе бидам нескромна, ама немам. Не сум го размислувала тоа како да имам желба, туку да ја остварам мојата идеја, а идеи имам секогаш. Тоа било повеќе како идеја, не како желба да замислам дека сакам некаде да отидам, туку јас повеќе ја доживувам како идеја да создадам нешто. А тие мои идеи, повеќето од нив сум ги реализирала. Имам уште идеи, кои сакам да ги реализирам, ако успеам одлично, ако не успеам да ги реализирам ништо не сум изгубила. Мојата позитивна енергија секогаш останува, и сум благодарна на се што имам. Посакувам само здравје се останато ако треба да се случи ќе се случи. Универзумот е интересен.

За крај во неколку реченици, која е Весна Гиновска-Илкова?

- Весна Гиновска-Илкова е жена, мајка, сопруга, со едно дете кое тлее во нејзе цел живот. Детето во мене никогаш не излегло. Мислам дека сум човек, кој носи позитивна енергија, мотивира и да можам да покренам планини, и планини би покренала, со таква мотивирачка енергија. Тоа доаѓа од мене, излегува. Тоа го прави детето во мене, таа игра, раздраганост, сеуште интерес за многу работи, задоволна од мали нешта, ситници, гестови. Не сакам волшепства. Едноставно мислам дека имам движечки својства и успевам да ги помрднам нештата.

Слаѓана Стојкова Костоски

Фото: Весна Гиновска-Илкова

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан