• петок, 22 ноември 2024

Германски компании продолжуваат да остваруваат големи приходи во Русија

Германски компании продолжуваат да остваруваат големи приходи во Русија

Берлин, 4 јули 2023 (МИА) - Повеќе од 260 германски компании се уште се активни во Русија, со промет од над 23 милијарди долари, објави денеска германскиот јавен сервис АРД.

„Германските компании во 2022 година ѝ платиле на руската држава даноци во износ од 402 милиони долари“, пренесува АРД.

Според истите податоци, во Русија моментално се активни 262 компании, кои во 2022 година оствариле промет од 23,2 милијарди долари.

По рускиот напад на Украина во февруари 2022 година, голем број германски компании ја напуштија Русија, но многу поголем број, околу две третини, останаа активни во таа земја.

Лани најголем промет во Русија со 3,4 милијарди долари оствари германскиот трговски концерн „Метро“.

Втората по големина германска компанија во Русија, енергетската Унипер, најави неодамнешно заминување од оваа земја.

Според АРД, другите германски компании активни во Русија не ги прекршуваат санкциите на ЕУ.

Од западните компании, само компаниите од САД се поактивни во Русија од германските компании, кои во 2022 година оствариле промет од 40 милијарди долари и платиле 712 милиони долари данок.

Најголемиот број од нив остваруваат приход преку продажба на тутун и алкохол, а предничи американската компанија „Филип Морис“. Швајцарската „Нестле“ е меѓу западните компании со најголеми приходи. паг/

Фото: МИА архива

 


 

 

Остани поврзан