• петок, 05 декември 2025

Германскиот министер Вадефул бара зголемен притисок врз Русија

Германскиот министер Вадефул бара зголемен притисок врз Русија

Њујорк, 22 септември 2025 (МИА) - Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул ја повика меѓународната заедница да го засили притисокот врз Москва поради последните инциденти со нарушување на естонскиот воздушен простор, што и се припишуваат на Русија, јави ДПА.

- Со своето неодговорно однесување, Русија претставува сериозна закана за регионалната безбедност, како и за светскиот мир и стабилноста, изјави Вадефул на вонредна седница на Советот за безбедност на ОН во Њујорк.

Тој нагласи дека е заедничка одговорност на членките на ОН да побараат одговорност од оние што го загрозуваат мирот и сигурноста. - Русија го прекрши територијалниот интегритет на соседна држава без никаква провокација, со што прекрши еден од основните принципи на Повелбата на ОН, рече германскиот дипломат.

Вадефул остро го осуди овој чин, оценувајќи дека Москва „безобѕирно ги игнорира меѓународните норми“ и порача дека провокациите нема да имаат резултат. Тој додаде дека е неопходно што побрзо да се постигне безусловно примирје за да се запре крвопролевањето и да се создадат услови за сериозни преговори. ссм/

фото: архива

Остани поврзан