Германската министерка за надворешни работи во посета на Молдавија
- Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска ќе ја посети Молдавија за да вети европска поддршка, јави ДПА.

Берлин, 2 април 2025 (МИА) - Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска ќе ја посети Молдавија за да вети европска поддршка, јави ДПА.
Бербок закажа состаноци со молдавската претседателка Маја Санду и премиерот Дорин Речан во главниот град Кишињев, а меѓу темите се очекува да бидат прашањата за снабдување со енергија.
Молдавија, поранешна советска република која многу се потпира на рускиот гас, останува една од најсиромашните земји во Европа и е поделена меѓу проевропски и проруски фракции.
Во изјава пред нејзината посета, Бербок го критикуваше рускиот претседател Владимир Путин за неговите обиди „да ја поткопа молдавската демократија преку дезинформации, кампањи со лажни вести и купување гласови“.
Таа ја опиша демократијата на Молдавија како одржлива и рече дека нејзината европска иднина е остварлива, истовремено нагласувајќи дека европската поддршка за земјата ќе остане силна.
„Со помош на Европа и Германија, Молдавија ја стабилизираше својата економија, се спротивстави на руските хибридни напади и ги стави под контрола инфлацијата и енергетската криза“, додаде таа.
Земјата, со население од околу 2,5 милиони луѓе, е кандидат за членство во ЕУ од 2022 година, заедно со Украина. паг/
Фото: МИА архива