• среда, 18 декември 2024

Германија сака да постигне климатска неутралност во 2045 година

Германија сака да постигне климатска неутралност во 2045 година
Берлин, 5 мај 2021 (МИА) - Германската економија треба да постигне климатска неутралност уште во 2045 година - овој предлог на вицеканцеларот и министер за финансии Олаф Шолц и министерот за животна средина Свења Шулце ќе биде ставен на гласање следната недела. Како што пренесуваат германските медиуми, под притисок на претстојните парламентарни избори наесен и зголемувањето на рејтингот на Зелените, кандидатот за канцелар на Социјалдемократската партија, Олаф Шолц, изненадувачки ги објави новите климатски цели за Германија. - Прво ги прецизираме климатските цели за 2030 година. Дотогаш, мора да постигнеме 65 проценти неутрализација на стакленичките гасови. Средната цел за 2040 година е 88 проценти, а крајната цел е да се постигне неутралност на климата уште во 2045 година, рече Шолц. Шулце додаде дека „владината коалиција на демохристијани и социјалдемократи го поддржува овој предлог“. Предлогот на вицеканцеларот и министерот за животна средина доаѓа по одлуката на Уставниот суд, кој го задолжи кабинетот до крајот на следната година да утврди конкретни обврски за ограничување на стакленички гасови за периодот по 2030 година. паг/    

Остани поврзан