• четврток, 19 декември 2024

Германија: Израел мора да ја почитува судската одлука, а Хамас да ги ослободи заложниците

Германија: Израел мора да ја почитува судската одлука, а Хамас да ги ослободи заложниците

Берлин, 26 јануари 2024 (МИА) – Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека Израел мора да ја почитува денешната одлука на Меѓународниот суд на правдата (МСП) и оти Хамас мора да ги ослободи заложниците.

Највисокиот суд на Обединетите нации денеска не нареди прекин на огнот во Појасот Газа, но побара од Израел да ги преземе сите мерки за да ги спречи неговите сили да извршат геноцид во палестинската енклава. Процесот против Израел за геноцид го иницира Јужна Африка, која побара од Меѓународниот суд на правдата да му нареди на Израел да ја прекине својата воена операција во Појасот Газа.

Бербок констатираше дека „Меѓународниот суд на правдата не одлучил за главното прашање, но наредил привремени мерки“.

- Тие се исто така обврзувачки според меѓународното право. Израел мора да го почитува тоа, рече таа.

- Во исто време, судот појасни дека акциите на Израел следеле по варварскиот терор (од страна на Хамас) на 7 октомври и потсети дека Хамас е обврзан и со меѓународното хуманитарно право и мора конечно да ги ослободи сите заложници. Ние ќе го поддржиме тоа со сите сили, како и мерката што му е наредена на Израел итно да обезбеди поголема хуманитарна помош за Газа, изјави шефицата на германската дипломатија. јт/

Фото: Х

Остани поврзан