Германија ги критикува најавите на САД за нови санкции за Северен тек 2
- Германската Влада изрази жалење поради најавите од САД дека би можеле да ги продолжат санкциите за гасоводот „Северен тек“ 2, кој треба да ја поврзе Русија со Германија.
Берлин,15 јуни 2020 (МИА) - Германската Влада изрази жалење поради најавите од САД дека би можеле да ги продолжат санкциите за гасоводот „Северен тек“ 2, кој треба да ја поврзе Русија со Германија.
„Новите санкции би биле сериозно мешање во европската енергетска безбедност и суверенитетот на Европската унија“, се наведува во соопштението на германското Министерство за надворешни работи.
Вашингтон воведе санкции кон крајот на минатата година, наменети за бродовите кои поставуваат цевки во Балтичкото Море и странските државјани кои се вклучени во тие работи. Мерките го одложија завршувањето на проектот, планирано за крајот на минатата година.
Овој месец, група американски сенатори претставија предлог-закон, со кој се предлага санкционирање на компаниите кои обезбедуваат бродови за други активности поврзани со проектот.
Вашингтон предупредува дека ЕУ ќе биде уште повеќе зависна од рускиот природен гас поради гасоводот, на што предупредија Украина и некои членки на ЕУ, како Полска.
Русија, пак, тврди дека САД се обидуваат да го урнат гасоводниот проект за да го отворат патот за американските снабдувачи на природен гас кој, како што тврди Москва, ќе се извезува во ЕУ по повисоки цени од руските. паг/