• понеделник, 23 декември 2024

Германија апелираше до Кина да влијае на Русија и да не ја снабдува со оружје

Германија апелираше до Кина да влијае на Русија и да не ја снабдува со оружје

Берлин, 20 јуни 2023 (МИА) - Германија апелираше до Кина да го искористи своето влијание врз Русија во контекст на војната во Украина.

Премиерите на Германија и Кина, Олаф Шолц и Ли Чијанг денеска се сретнаа во Берлин. Средбата се одржа само еден ден откако американскиот државен секретар Ентони Блинкен се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг.

„Повторно апелирав до кинеската влада да изврши уште посилно влијание врз Русија во оваа војна. Важно е Кина да продолжи да не испорачува оружје на агресорот, Русија. Како постојана членка на Советот за безбедност на ОН, Кина има многу посебна должност“, рече Шолц.

Ли директно не одговори ниту ја спомена Украина во својата изјава, а на конференцијата немаше прашања од новинарите.

Покрај тоа, Шолц и Ли ветија дека ќе работат заедно во борбата против климатските промени како два најголеми светски емитери на јаглерод диоксид.

„Како главни емитери на CO2, Германија и Кина имаат посебна одговорност во борбата против климатските промени“, изјави Шолц.

Ли рече дека „за двете страни, справувањето со климатските промени треба да стане важно поле на соработка“.

Ова е прво патување на Ли во странство откако тој стана премиер во март.

Германија сака да одржува добри односи со Кина, нејзиниот најголем трговски партнер, и покрај загриженоста поради одбивањето на Пекинг да ја критикува руската инвазија на Украина.

Во неодамна објавената стратегија за национална безбедност на Германија, Кина се карактеризира како „партнер, конкурент и системски ривал“. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан