• недела, 22 декември 2024

Герасимовски: Целта е преку „Енергија Центар“ да станеме енергетски независни

Герасимовски: Целта е преку „Енергија Центар“ да станеме енергетски независни

Скопје, 12 ноември 2023 (МИА) - Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски заедно со директорот на ТД „Енергија Центар“, Ванѓел Андреевски, организираа работилница во младинскиот центар „Матично“. Гости беа експертот од енергетската задруга „Еко-Кварнер“ - Крк од Хрватска, Вјеран Пирсиц, министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, како и претставници од Министерството за транспорт и врски, Регулаторната комисија за енергетика и членови на Фондацијата „Фридрих Еберт“.

Како што се наведува во соопштението на Општина Центар, Герасимовски истакнал дека работилницата е одлична можност да се слушнат искуствата што се применуваат на островот Крк во Хрватска, која се стреми да биде целосно енергетски независна, користејќи ги обновливите извори на енергија.

- Целта на работилницата е презентирање на позитивните примери, споделување на идните планови во енергетската транзиција и одржливиот развој на локално ниво како и размена на искуства со сите присутни. Општина Центар, со помош на стручната анализа за економската оправданост за формирање на ова претпријатие, што ја изработи Фондацијата „Фридрих Еберт“, успеа да ги неутрализира ценовните шокови, да влијае во унапредувањето на квалитетот на живеење и придонесе кон поздрава животна средина, посочил градоначалникот.

Општина Центар е силно посветена на поставување на фотоволтаични системи на покривите на сите јавни објекти во општината.

- Засега градинката „Пепелашка“ е првата каде има поставено фотоволтаичен систем што треба да ги задоволи потребите за електрична енергија и во зимскиот период, а во следниот период ќе бидат поставени и на покривите на другите градинки и основни училишта. Општина Центар вложува во развојот и иднината на сите генерации во општината, се додава во соопштението. бд/лв/

Фото: Општина Центар

Остани поврзан