• понеделник, 23 декември 2024

Герасимовски: Состојбата на Водно ја решаваме заедно со граѓаните

Герасимовски: Состојбата на Водно ја решаваме заедно со граѓаните
Скопје, 28 јануари 2022 (МИА) - На барање на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, вчеравечер се одржа средба со граѓаните од Водно, односно со жителите од улиците „Питу Гули“, „Козара“, „Салвадор Аљенде“ и околните улици, на која е разговарано за решавање на проблемите со новите градби на Водно и заштитата на парк шумата. Како што информираат од прес-служба на Општина Центар, градоначалникот им понудил општинска поддршка на претставниците на жителите преку целосен увид во документација од Деталниот урбанистички план Градска четврт Ј 07 - Локалитети: Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара. - На вечерашната средба со граѓаните на Водно, им понудив заедничка соработка и увид во документацијата за ДУП-от Ј 07, која ќе биде достапна за претставниците на жителите од овој дел од Центар. Нашиот заеднички интерес е заштита на зелениот појас и ние како општина, ќе сториме сѐ во рамки на можностите за да ги сопреме градбите кои се надвор од законот. Затоа и барам внимателна анализа и од страна на жителите. Исто така, на оваа средба ги повикав граѓаните да ја пријават секоја нова градба за која сметаат дека е надвор од законските прописи, потенцираше Герасимовски. Од локалната самоуправа соопштуваат дека претставници на групата граѓани од Водно во текот на наредната недела ќе се сретнат со градоначалникот Герасимовски и општинските служби, со цел, како што велат, подетално и од прва рака да се информираат за градежните активности, но и за тековните состојби на падините на скопските бели дробови. - Заедничката и директна комуникација со граѓаните носи подобри резултати и решенија во полза на сите засегнати страни. Од оваа причина, градоначалникот на Општина Центар иницира директни средби за брзи и конкретни решенија, велат од општинската прес-служба. фф/дма/

Остани поврзан