Герасимовски: Голем бесплатен концерт со Дарио и Миг-21, Елена Ристеска, Викторија Лоба, Кристина Арнаудова, Барбара Поповиќ и „2 Бона“
- Во организација на Општина Центар во сабота на 13 септември, со почеток во 19:30 часот во Паркот на Франкофониј по трет пат ќе се одржи музичкиот хепенинг „Нешто што ќе остане“. На концертот ќе настапат македонски изведувачи Дарио и Миг-21, Елена Ристеска, групата „2 Бона“, Викторија Лоба, Кристина Арнаудова и Барбара Поповиќ.
Скопје, 10 септември 2025 (МИА) - Во организација на Општина Центар во сабота на 13 септември, со почеток во 19:30 часот во Паркот на Франкофониј по трет пат ќе се одржи музичкиот хепенинг „Нешто што ќе остане“. На концертот ќе настапат македонски изведувачи Дарио и Миг-21, Елена Ристеска, групата „2 Бона“, Викторија Лоба, Кристина Арнаудова и Барбара Поповиќ.
-Ве покануваме да бидете дел од големиот музички концерт „Нешто што ќе остане“ што трет пат го организираме. Изминативе три години инвестиравме многу во делот на културата. Во 2021 година започнавме со буџет од 3 милиони денари за култура, оваа година достигна 13 милиони денари. Ова покажува дека нашата грижа за културата, за културните настани, за негување на македонската музика е на највисоко ниво. Така планираме да продолжи и во наредните години. Буџетот за наредната година планираме и да го удвоиме, од 13 на 26 милиони денари, за нашите жители во Општина Центар, во градот Скопје да уживаат на голем број културни настани коишто ќе ги организира Центар, рече Герасимовски на денепната прес-конференција одржана по тој повод.
Тој додаде дека со зголемувањето на буџетот за културата покажуваат дека се грижат за културата и културните настани. Ние, рече, сме поразлични од други општини и ангажираат македонски артисти, со што, вели се покажува и оти ја почитуваат македонската култура и традиција.

Кристина Арнаудова ја поздрави иницијативата да се организира еден ваков настан кадешто ќе се поддржат македонските изведувачи.
-Би сакала да ја поздравам иницијативата да се организира еден ваков настан и во овие времиња да се издржи да се работи само со македонски артисти. Задоволство ќе ми биде на 13 септември да бидам со граѓаните на Скопје и на Општина Центар како некој којшто повеќе од половина живот живее во срцето на градот, во Дебар Маало. Навистина ќе ни биде драго со моите сограѓани да поделиме едно навистина убаво расположение, добра журка. Се надевам дека посетата ќе биде добра како и минатите години што покажува дека луѓето сакаат македонска музика и сакаат што повеќе вакви настани, изјави Арнаудова.

Викторија Лоба, ги повика граѓаните да дојдат во сабота во добро расположение.
-Чест и задоволство ми е што ќе бидам дел од овој прекрасен настан и со нашите драги колеги од македонската естрада сакам да го разубавиме овој убав 13 септември со добра македонска музика. Ве очекуваме сите да дојдете со вашите насмевки и во добра расположение, истакна Лоба.
Во изјава за медиумите, Барбара Поповиќ истакна дека ги чека сите центарци и скопјани во сабота на убава забава.

-На 13 септември, ве чекаме во Паркот на франкофонијата да направиме убава забава, да се собереме и да шириме само позитива“, потенцираше Поповиќ.
Водител на настанот ќе биде Вера Јанковиќ. Концертот е во организација на Општина Центар и е бесплатен за сите граѓани. сст/вј/
Фото МИА