• недела, 22 декември 2024

Георгиев за МИА: Претставката во врска со случајот „Фероинвест против ИРЛ“ ќе биде предмет на дискусија на Судскиот совет

Георгиев за МИА: Претставката во врска со случајот „Фероинвест против ИРЛ“ ќе биде предмет на дискусија на Судскиот совет

Скопје, 14 ноември 2023 (МИА) - До Судскиот совет има претставка во врска со случајот „Фероинвест против ИРЛ“ и таа ќе биде разгледана и ќе биде предмет на дискусија на седница, изјави во интервју за МИА претседателот на Судски совет, Сашко Георгиев.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) поднесе барање до Судски совет за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судијата Јованка Спировска Панева од Основен граѓански суд Скопје за сторена дисциплинска повреда – нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Панева во пресудата за случајот меѓудругото вели и дека новинарите во Истражувачката репортерска лабораторија не се новинари и оти може да се соочат со забрана за работа. 

На прашањето на МИА дали судот воопшто има ингеренции да одредува кој е новинар, а кој не, Георгиев не даде директен одговор, но рече дека е добро што станува збор за првостепена одлука, по која постои можност за жалба.

- Добро е што станува збор за првостепена пресуда. По оваа одлука, нормално, незадоволните ќе имаат право на жалба и ќе го искористат тоа право, каде што второстепениот суд ќе има своја одлука. Не навлегувам во делот на одлуката, бидејќи тоа е врз основа на докази кои што ги ценел судијата. Ниту можам да ги знам доказите, ниту можам да ценам такви докази. Судството е така поставено што на секоја одлука следува право на жалба на повисокиот суд, каде што повисокиот суд ќе ги анализира сите овие докази во прилог на предметот, односно жалбата, и ќе донесе одлука, рече Георгиев.

Граѓанскиот суд Скопје ја осуди за клевета Истражувачката репортерска лабораторија и уредничката Сашка Цветковска за документарецот „Заговор против воздухот“ по тужба на поранешниот вицепремер, Кочо Анѓушев, сопственик на Фероинвест.

-ИРЛ не е медиум и може да се соочи со забрана за работа, ова се парафразирани цитати во дел од писменото образложение на пресудата на судијката Панева, која одлучуваше во случајот „Фероинвест против ИРЛ“, реагираше ЗНМ до јавноста.

Пресудата за сторијата „Заговор против воздухот“ беше објавена на 24 октомври, а на 10 ноември стасало писменото образложение во кое се користат низа проблематични квалификации, кои, како што алармираше ЗНМ се граничат со цензура и закани за затворање на медиумот.

-Имено, судијата Панева во образложението од пресудата 8П5-33/23, го спори статусот на новинарите во ИРЛ и тврди дека ИРЛ не е медиум односно ИРЛ не е здружение за „новинарски известувања“. „ИРЛ нема ниту својство на медиум, како средство за јавно информирање според Закон за медиуми, a членовите на истото немаат својство на новинари, ниту можат, заради известување на јавноста да прават новинарски обликувани емисии, да се претставуваат како новинари или да се бават со жанрот истражувачко новинарство и сето тоа да го објавуваат преку средствата за јавно информирање“, пренесе ЗНМ дел од пресудата.

Во информацијата за претставката до Судски совет ЗНМ нагласува дека на 13-ти октомври се одржало рочиште за постапка поведена по поднесена тужба за утврдување на граѓанска одговорност за навреда и клевета од Кочо Анѓушев, поранешниот вицепремиер во Владата на Република Северна Македонија против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и главниот и одговорен уредник Сашка Цветковска за објавената сторија со наслов „Заговор против воздухот“, објавена на 16.05.2021 година.

-По извршениот распит на странките, судијката Јованка Спировска Панева која го водеше рочиштето побара од новинарите и останатите лица кои беа во својство на јавност да ја напуштат судницата со усно образложение дека ќе се изведе доказ „Соочување на странки“ бидејќи изведувањето на овој доказ бара исклучување на јавноста. Оваа постапка го попречи и следењето на рочиштето кое ЗНМ со години го има како пракса во случаи како странка се јавува медиумски работник, се наведува во реакцијата.

ЗНМ бара одговорност од судијката за оваа постапка, а од Судскиот совет да поведе постапка за утврдување на дисциплинска одговорност согласно доставените докази и посочените законски одредби против судијата Панева и да изрече дисциплинска мерка согласно член 78 од Законот за судови во Република Северна Македонија.

-Нагласуваме дека новинарите не смеат да бидат третирани како јавно зло, бидејќи не работат на штета на граѓаните, туку во нивна корист, нагласува ЗНМ.

Целото интервју со претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, во кое разговараме на повеќе актуелни теми од правосудството ќе можете да го погледнете наскоро.  ар/ац/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан