• сабота, 16 ноември 2024

Генерал од Војската на босанските Срби преку писмо признава одговорност за геноцид во Сребреница

Генерал од Војската на босанските Срби преку писмо признава одговорност за геноцид во Сребреница

Сараево, 13 ноември 2024 (МИА) - Поранешниот армиски генерал на босанските Срби, Радислав Крстиќ, кој беше осуден на 35 години затвор од страна на Хашкиот трибунал за воени злосторства, вклучително и геноцидот во Сребреница, побара судот на Обединетите нации да го објави неговото писмо во кое тој целосно ја прифаќа одговорноста за извршените злосторства и изразува каење.

На веб-страницата на Механизмот за меѓународни кривични судови (МИКТ), наследник на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), беше објавен поднесок во кој адвокатот на Крстиќ, Владимир Петровиќ, поднел барање привремено да се пушти на слобода неговиот клиент, а со тоа го приложил и неговото барање до судот покајничкото писмо да биде јавно достапно.

По отслужувањето на 26 години од затворската казна, Крстиќ прво побара предвремено ослободување во 2022 година, но МИКТ го одби. Вакво барање повторно поднел во јануари, наведувајќи го како причина нарушеното здравје, но и подготвеноста целосно да ја признае одговорноста за делата за кои е осуден.

Неговиот адвокат во новиот поднесок до судот посочува дека МИКТ сега треба да го преиспита тоа барање, особено затоа што Крстиќ е подготвен да се изјасни за виновен и сака да ја потврди искреноста на тоа признание со писмокое ќе биде јавно достапно.

Крстиќ го испратил тоа писмо до МИКТ на 18 јуни, во кое наведува дека бил директно мотивиран од резолуцијата за осуда на геноцидот во Сребреница, која во мај ја усвои Генералното собрание на ОН, а во тој документ неговото име се споменува меѓу одговорните за убиството на илјадници бошњачки мажи и момчиња.

Крстиќ му напиша на судот дека и самиот ќе гласал за таа резолуција доколку имал право на глас.

- Моето име се споменува затоа што помогнав и го поддржав геноцидот, моето име се споменува затоа што направив незамисливо и непростливо злосторство, се наведува во писмото на Крстиќ, кој во 1995 година беше командант на т.н. Дринскиот корпус на војската на босанските Срби, чии членови директно учествуваа во убиството на заробените жители на Сребреница.

Крстиќ вели дека секој ден се сеќава на невините луѓе кои беа убиени и сака со неговите зборови да ги охрабри другите никогаш да не дозволат да се повторат слични злосторства. паг/

Фото: МИА архива



 

 

 

Остани поврзан