• петок, 22 ноември 2024

Генерал Кукула: Полска ја прелета руска ракета истрелана од Украина

Генерал Кукула: Полска ја прелета руска ракета истрелана од Украина

Варшава, 29 декември 2023 (МИА) – Неидентификуваниот летечки објект што утринава прелета над дел од полската територија најверојатно е руски проектил истрелан од Украина, соопшти денеска началникот на Генералштабот на полската армија, генерал Вислав Кукула.

-Очигледно се работи за руска ракета која навлезе во полскиот воздушен простор, ние ја следевме додека не го напушти нашиот простор, кажа полскиот генерал.

„За тоа имаме наша потврда и од сојузниците. Одлучивме да ја провериме рутата на летот на терен, дека не се случила техничка грешка“, изјави генералот Кукула, по итниот состанок на полскиот Совет за национална безбедност, што беше свикан од претседателот Анджеј Дуда.

Генералот Мачеј Клиш на прес-конференција по средбата со претседателот Дуда кажа дека ракетата за само три минути прелетала околу 40 километри полска територија.

Алармот овој пат го вклучи самата полска армија, за разлика од претходните случаи на упади со ракети или хеликоптери од Русија и Белорусија, кога жителите на пограничните области објавуваа снимки од хеликоптери над нивните покриви, а армијата прво тврдеше дека тоа им се причинувало, за дури по 10 часа да го потврдат упадот.

-Ги кренавме во воздух нашите авиони, а во воздух беа и сојузничките авиони. Го следевме развојот на ситуацијата до доцна во ноќта, изјави генералот Клиш.

Началникот на Генералштабот Кукула потсети дека синоќа беше тешка за Украина поради силниот руски ракетен напад и дека полската противвоздушна одбрана ја следеше рутата на повеќето од тие руски ракети со долг дострел.

Новиот министер за одбрана Владислав Кошњак Камиш оцени дека и полскиот и сојузничкиот систем добро реагирале во овој случај и дека соработката на претседателот со владата била многу добра.сд/

фото:ЕПА

 

Остани поврзан