• петок, 22 ноември 2024

Гебрејесус ги повика земјите да го финализираат договорот за пандемии

Гебрејесус ги повика земјите да го финализираат договорот за пандемии

Женева, 3 мај 2024 (МИА) – Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус денеска ги повика земјите да се согласат на договор за помош во борбата против идните пандемии, бидејќи преговорите се приближуваат до крајниот рок овој месец.

Новиот договор и серијата ажурирања на постоечките правила за справување со пандемии имаат за цел да ја зајакнат одбраната на светот од новите патогени откако пандемијата Ковид-19 уби милиони луѓе.

Земјите треба да ги финализираат преговорите за договорот на 10 мај, со цел да го усвојат на годишниот состанок на СЗО подоцна овој месец, но извори кои се запознаени со ова прашање велат дека сè уште има големи разлики, јавуваат светските агенции.

- Дајте им на луѓето во светот, на луѓето од вашите земји, на луѓето што ги претставувате, посигурна иднина, рече Гебрејесус на состанок во Женева.

Тој ги охрабри земјите кои не се согласуваат целосно со текстот на договорот барем да се воздржат од блокирање на консензусот меѓу 194-те земји-членки на СЗО. Една од главните точки на несогласување меѓу богатите земји и земјите во развој е прашањето за правична дистрибуција на лекови и вакцини со цел да се избегне повторување на неуспесите од времето на ковидот. јт/

Фото: Х

Остани поврзан