• петок, 05 декември 2025

Гаши и Дукај изразиле надеж дека Северна Македонија и Црна Гора ќе ги совладаат престојните предизвици и успешно ќе го продолжат патот кон ЕУ

Гаши и Дукај изразиле надеж дека Северна Македонија и Црна Гора ќе ги совладаат престојните предизвици и успешно ќе го продолжат патот кон ЕУ

Скопје, 1 октомври 2025 (МИА) - Претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешната средба со министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај ги истакнал добрите односи помеѓу двете земји и изразил подготвеност за зајакнување на соработката во сите области, во полза на исполнување на заедничката цел на двете земји, а тоа е интеграцијата во Европската Унија.

Како што информираат од собраниската прес-служба, двајцата соговорници потенцирале дека интеграцијата во ЕУ е клуч за развојот на земјите на Западен Балкан и можност за сите народи во регионот да се обезбеди перспектива за идните генерации, затоа што, како што се посочува, иселувањето на младите е актуелна грижа за регионот.

Министерот Дукај нагласил дека регионалната соработка помеѓу двете земји е важна заради тоа што, како што посочил, како мали земји заедно можеме повеќе да постигнеме во напорите за европска интеграција. Потенцирале дека реформите на јавната администрација, а посебно дигитализацијата и правичното застапување на етничките заедници, се области во кои двете земји можат да соработуваат преку размена на мислења и добри практики.

На крајот на средбата, соговорниците изразиле надеж дека Северна Македонија и Црна Гора ќе ги совладаат престојните предизвици и успешно ќе го продолжат патот кон Европската Унија. Тие, исто така, оставиле отворена врата за понатамошни контакти и унапредување на односите помеѓу двете земји. фф/вј/

Фото: Собрание

Остани поврзан