• сабота, 21 декември 2024

Гасперини не се плаши од Реал Мадрид

Гасперини не се плаши од Реал Мадрид

Варшава, 13 август 2024 (МИА) - Аутсајдерот Аталанта се надева дека ќе го смени трендот и ќе им ги помати сметките на фаворитите во утрешното финале на европскиот Суперкуп - Реал Мадрид. Тренерот на тимот од Бергамо, Џанпјеро Гасперини смета дека неговите избраници се подготвени да приредат уште едно изненадување.

Во мај годинава, во финалето на Лига Европа, Аталанта буквално ги прегази Баер Леверкузен - сензацијата од Германија, која не само што го симна од тронот Баерн Минхен во Бундеслигата, туку тоа го направи и без пораз.

Реал Мадрид го имаше едно од најлесните финалиња во Лигата на шампионите - победа од 2:0 над Борусија Дортмунд на стадионот „Вембли“ и рекордна 15-та титула од турнирот. Утре Италијанците ќе се најдат на патот на италијанскиот тренер, Карло Анчелоти и „белиот балет“ на стадионот во Варшава.

-На хартија утре сме уште поголеми аутсајдери отколку што бевме против Леверкузен, кој во последниот меч влегуваше без пораз цела сезона. Реал Мадрид ќе биде уште поголема пречка, но тоа значи дека сме уште помотивирани. Тоа не се случува често, но во фудбалот можете да ги свртите шансите во своја корист, рече Гасперини на денешната прес-конференција.

Сепак, има еден проблем за Аталанта - нивниот важен напаѓач Џанлука Счамака е повреден и нема да игра. Тој постигна 6 гола во нивната успешна кампања во Лига Европа, а доживеа тешка повреда за време на победата со 4:1 над Парма во мечот на 4 август и ќе биде надвор од терените во следните шест месеци. И не само тоа - ќе останат и без холандскиот играч за врска Теун Купмајнерс, кој, според италијанските медиуми, е блиску до преселба во гигантот Јувентус. А за да се избегне каква било непредвидена повреда, Аталанта реши да го одмори на утрешниот натпревар.

-Очигледно, секој би сакал да игра на ваков натпревар со полн состав и да игра со своите најдобри играчи за да стигне до најдоброто претставување на теренот. Но, дури и кога бевме на гости кај Ливерпул или против други врвни тимови, не бев загрижен. Едноставно разговарав со момците, сакав да го дадат својот максимум, без разлика кој е против нас, додаде тренерот на Аталанта пред утрешниот меч кој започнува од 21 часот. дс

Фото: Архива

Остани поврзан