• четврток, 20 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Гарибабади: Иран ја потврди својата решеност да соработува со МААЕ

Гарибабади: Иран ја потврди својата решеност да соработува со МААЕ

Техеран, 17 март 2025 (МИА)  - Иран денеска ја потврди својата „решителност“ да соработува со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) за нуклеарните прашања, во услови на тензии со западните земји.

„Заштитувајќи ја својата безбедност и националните интереси, Иран останува посветен на соработката со МААЕ“, напиша иранскиот заменик-министер за надворешни работи Казем Гарибабади на социјалната мрежа Х по средбата во Виена со генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси.

Гарибабади го опиша разговорот како „искрен и конструктивен“.

Разговорот е „дел од континуитетот на нашата соработка со МААЕ“, изјави за новинарите портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Есмаил Багаи пред средбата во Виена.

Гарибабади во петокот во Пекинг учествуваше на нуклеарните разговори со неговите руски и кинески колеги.

„Заканите за мирољубивите нуклеарни постројки на Иран се зголемени и природно е да ги интензивираме нашите консултации во овој поглед“ со МААЕ, додаде Багаи, во време кога американскиот претседател Доналд Трамп не ја исклучи употребата на сила против Иран.

Западните земји, предводени од САД, со децении се сомневаат дека Техеран сака да се здобие со нуклеарно оружје. Иран ги отфрла обвинувањата и вели дека неговите нуклеарни активности постојат само за цивилни цели.

Во 2015 година, Иран склучи договор со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД за својата нуклеарна програма во Виена. За возврат, текстот предвидуваше намалување на меѓународните санкции против Техеран.

Меѓутоа, во 2018 година, Трамп, за време на својот прв мандат како американски претседател , еднострано ја повлече својата земја од договорот и повторно воведе санкции кон Иран. Како одговор, Техеран ги зголеми резервите на збогатен ураниум до 60 отсто, во услови кога за производство на атомско оружје е потребна чистота на ураниумот до 90 отсто.сд/

фото:Иранско МНР

Остани поврзан