Ганги за МИА: Продолжува поддршката на ФАО за трансформација на македонското земјоделство кон поинклузивни и поодржливи агро-прехранбени системи
- Набил Ганги, заменик регионален претставник на ФАО за Европа и Централна Азија и шеф на Канцеларијата на ФАО во Северна Македонија, во интервју за МИА по повод Светскиот ден на храната, зборува за осумдецениското патување на Организацијата - од хуманитарни мисии до глобален лидер во одржливото земјоделство, но и за партнерството со нашата држава кое трае повеќе од три децении.
Скопје, 16 октомври 2025 (МИА)
Мирјана ЧАКАРОВА
Нашите агро-прехранбени системи денес се соочуваат со голем притисок: конфликти, екстремни временски услови, економски шокови и нееднаквости. Тоа ја загрозува земјата што ја обработуваме, водата од која зависиме и биодиверзитетот што ни го одржува животот. Ланците на снабдување се ранливи, а последиците се чувствуваат насекаде – од глобалните пазари до семејните кујни во Скопје, Белград, Подгорица, Сараево, па сè до малите домаќинства во руралните средини. Зад бројките стојат вистински луѓе: родители кои се грижат како да ги нахранат своите деца, мали земјоделци чие секојдневие е загрозено од климатските промени, луѓе кои гладуваат поради конфликти и насилство. Денес, дури и по децении откако храната е прогласена за основно човеково право, околу 733 милиони луѓе сè уште гладуваат, а милиони други не можат да си дозволат здрава исхрана. Во исто време, растечката прекумерна тежина покажува колку е голема нерамнотежата во начинот на кој ја произведуваме и ја консумираме храната.
Ова во интервју за МИА го истакнува Набил Ганги, заменик регионален претставник на ФАО за Европа и Централна Азија и шеф на Канцеларијата на ФАО во Северна Македонија.
Во интервјуто по повод Светскиот ден на храната, 16 Октомври и по повод 80 години од основањето на ФАО, Ганги зборува за осумдецениското патување на Организацијата - од хуманитарни мисии до глобален лидер во одржливото земјоделство, но и за партнерството со нашата држава кое трае повеќе од три децении.

- Со влегувањето во деветата деценија од глобалната работа и повеќе од три децении партнерство со земјата, нашиот фокус е цврсто насочен кон иднината: трансформација на македонското земјоделство кон поинклузивни и поодржливи агро-прехранбени системи, усогласени со стандардите на Европската унија и Целите за одржлив развој. Зголемувањето на продуктивноста, конкурентноста и отпорноста на земјоделството ќе остане главна цел. Тоа значи справување со расцепканоста на земјоделското земјиште, малите фарми и застарената инфраструктура кои ја ограничуваат продуктивноста и придонесуваат за депопулацијата во руралните средини, потенцира Ганги.
Нагласува и дека ФАО ќе продолжи да ги поддржува структурните реформи, проширувањето на консолидацијата на земјиштето и другите инструменти за подобрување на структурата на стопанствата, зајакнувањето на семејните фарми и модернизацијата на земјоделската инфраструктура, истовремено поттикнувајќи одржливо управување со природните ресурси и климатска адаптација во земјоделството.
Продолжува, додава Ганги, и поддршката во насока на дигиталната трансформација на земјоделството, на малите земјоделци, жените и младите - да имаат пристап до иновации, нови технологии и современи вештини.
- ФАО работи рамо до рамо со Владата, Европската унија и националните институции за создавање посилно, поинклузивно и поодржливо земјоделство, со фокус на малите земјоделци, жените и младите, подвлекува Ганги.

Тој ја потенцира и важноста на колективното дејствување во време на климатски и економски предизвици, повикувајќи сите граѓани да преземат лична одговорност во создавањето на подобра иднина за храната.
- Секоја година, Светскиот ден на храната нè потсетува на нешто едноставно, но многу важно: храната нè поврзува сите. Тоа е начинот на кој ја одгледуваме, ја споделуваме и ја чуваме храната – и за заедничката одговорност што ја имаме да се погрижиме таа да биде достапна за секого. Светскиот ден на храната се одбележува во повеќе од 150 земји и на речиси 50 јазици, што го прави еден од најпрепознатливите датуми во календарот на Обединетите нации. Но, за ФАО тоа е повеќе од датум – тоа е момент да се обединиме со партнерите, со луѓето насекаде – и да ја зајакнеме посветеноста на нашата основачка цел: Свет без глад. Преку градење поефикасни, поинклузивни, поотпорни и поодржливи агро-прехранбени системи – целта е да се победи гладот и неухранетоста и да се постигне глобална обезбеденост со храна, вели Ганги во интервјуто.
Според него, оваа година е особено значајна зашто ФАО одбележува 80 години служба. На 16 октомври, по повод овој јубилеј, во седиштето на ФАО во Рим ќе се одржи глобална церемонија, а првпат ќе се отворат и Музејот и Мрежата на ФАО – нов простор што ќе покаже како знаењето, културата и иновациите го обликуваат начинот на кој ја одгледуваме и ја вреднуваме храната.

Во текот на октомври, стотици настани низ светот ќе ја пренесат пораката на Светскиот ден на храната и 80-годишнината на ФАО.
- Секој од нив нè потсетува дека храната е многу повеќе од гориво за човекот. Таа е темел за мир, достоинство и поправедна иднина. Темата оваа година е „Рамо до рамо за подобра храна и подобра иднина“ – порака што ја отсликува и итноста и надежта за заедничка акција. Додека ФАО и семејството на ОН одбележуваат 80 години, ова е момент да ја потврдиме моќта на колективното дејствување. Притисоците растат, но растат и можностите за решенија. Потребен е инклузивен дијалог, здрави политики и заеднички одлуки во кои гласовите на локалните заедници, жените, младите ќе бидат во центарот, вели Ганги.
Во врска со предизвиците, порачува дека мора да се делува заеднички.
- Напредокот зависи од тоа што можеме да направиме заедно – преку граници, сектори и генерации. Потребни се поголеми и попрецизно насочени инвестиции, но и подлабока соработка. Секој има улога – владите, меѓународните организации, земјоделците, истражувачите, бизнисите и потрошувачите, укажува Ганги.
Тој е дециден дека Мисијата на ФАО е јасна: Свет без глад и неухранетост – преку подобро производство, подобра исхрана, подобра животна средина и подобар живот, без никој да не биде изоставен.

По прогласувањето на независноста од поранешна Југославија во 1991 година, Република Македонија стана членка на ФАО во 1993 година. Сепак, присуството на ФАО во земјата датира многу порано – од програмите за исхрана во 1950-тите до итната помош по скопскиот земјотрес во 1963 година. Како се развиваше улогата на ФАО – од тие рани хуманитарни активности до денешното развојно и стратешко партнерство?
- Дури и пред Северна Македонија официјално да се приклучи на ФАО во 1993 година, нашето партнерство датира од многу порано. Уште во 1950-тите, ФАО спроведе програми за исхрана и домашна економија кои ја подобруваа благосостојбата на семејствата. По катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, ФАО, преку тогашната Светска програма за храна, обезбеди итна помош со храна за работниците на реконструкцијата – рана илустрација на нашата хуманитарна мисија на дело.
Од тие почетоци, улогата на ФАО постепено се трансформираше од хуманитарна поддршка кон долгорочен развој и поддршка на политики. По независноста во 1991 година и зачленувањето во 1993 година, земјата се соочуваше со длабоки политички, економски и социјални трансформации. ФАО беше меѓу првите меѓународни партнери кои ги поддржаа реформите – помагајќи во реструктурирање на земјоделските пазари, зајакнување на системите за обезбедност со храна и подобрување на политиките за управување со земјиштето.
Истовремено, Северна Македонија воспостави дипломатски односи со ФАО и другите организации за храна и земјоделство со седиште во Рим, што овозможи активно учество во глобалните форуми за обезбедност со храна, шумарство, здравје на растенијата и генетски ресурси, зацврстувајќи ја позицијата на земјата во меѓународното управување со земјоделството.
Денес, улогата на ФАО е многу повеќе стратешка и насочена кон иднината — поддржувајќи ја земјата во изградбата на инклузивни и одржливи агро-прехранбени системи, справување со климатските промени и напредување кон европската интеграција и Целите за одржлив развој. Нашето партнерство денес опфаќа поддршка за политики и институции, усогласување со ЕУ и структурни реформи, како и климатска акција.
Помагаме да се изградат посилни национални капацитети во шумарството, здравјето на животните, безбедноста на храната и земјоделската политика; поддржуваме структурни реформи во управувањето со земјоделското земјиште и унапредување на руралниот развој во насока на европската интеграција; ја јакнеме климатската отпорност преку одржливо управување со земјиштето и водните ресурси, заштита на биодиверзитетот, инвестиции во наводнување и подобро користење на климатските и временските податоци.
Секогаш со фокус на малите земјоделци, семејните фарми, жените и младите, ФАО работи рамо до рамо со Владата, Европската Унија и другите партнери за мобилизирање климатски фондови, поттикнување дигитална трансформација и јакнење на отпорноста и конкурентноста на земјоделско-прехрамбените системи во земјата.

Додека ФАО оваа година одбележува 80 години глобално и повеќе од три децении партнерство со Северна Македонија, кои се клучните идни приоритети за поттикнување на одржлив развој и трансформација на земјоделско-прехранбените системи во земјата?
- Со влегувањето во деветата деценија од глобалната работа и повеќе од три децении партнерство со Северна Македонија, нашиот фокус е цврсто насочен кон иднината: трансформација на македонското земјоделство кон поинклузивни и поодржливи агро-прехранбени системи, усогласени со стандардите на Европската унија и Целите за одржлив развој.
Зголемувањето на продуктивноста, конкурентноста и отпорноста на земјоделството ќе остане главна цел. Тоа значи справување со расцепканоста на земјоделското земјиште, малите фарми и застарената инфраструктура кои ја ограничуваат продуктивноста и придонесуваат за депопулацијата во руралните средини.
ФАО ќе продолжи да ги поддржува структурните реформи, проширувањето на консолидацијата на земјиштето и другите инструменти за подобрување на структурата на стопанствата, зајакнување на семејните фарми и модернизација на земјоделската инфраструктура, истовремено поддржувајќи одржливо управување со природните ресурси и климатска адаптација во земјоделството.
Воедно, нашата поддршка ќе продолжи во насока на дигиталната трансформација на земјоделството, поддржувајќи мали земјоделци, жени и млади да имаат пристап до иновации, нови технологии и современи вештини.
Безбедноста на храната и заштитата на јавното здравје ќе останат од суштинско значење за нашата работа. Ќе продолжиме да ги поддржуваме институциите во усогласување со ЕУ-стандардите, рано откривање на болести кај животните и проширување на пазарните можности за производителите.
Климатската акција и јакнење на отпорноста на земјоделството ќе останат клучни во нашата работа. Агро-прехранбените системи се истовремено и двигатели и жртви на климатската и еколошката криза – придонесуваат кон емисии и загуба на биодиверзитет, додека истовремено се изложени на суши, поплави и шумски пожари. Идни приоритети на ФАО се: климатска отпорност на земјоделството преку модернизација на системите за наводнување и одводнување, решенија базирани на природата, климатски адаптивни практики и технологии, како и јакнење на системите за рано предупредување и користење на климатски податоци за информирано донесување одлуки. Паралелно, ФАО ќе поддржува одржливо управување со шумите, пошумување и превенција од пожари и катастрофи.
Во партнерство со Зелениот климатски фонд и други донатори, ќе ѝ помогнеме на државата да обезбеди финансии за своите климатски приоритети, исполнувајќи ги и глобалните обврски.
Гледајќи напред, ФАО ќе продолжи да работи рамо до рамо со владините институции, Европската унија, агенциите на ОН, академската заедница, здруженијата на земјоделци, приватниот сектор и граѓанското општество. Во духот на ФАО80, визијата е јасна: подобро производство, подобра исхрана, подобра животна средина и подобар живот за сите — без никој да биде изоставен.

По повод Светскиот ден на храната и 80-годишнината на ФАО, каква порака би сакале да им упатите на граѓаните на Северна Македонија?
- По повод Светскиот ден на храната и 80-годишнината на ФАО, би сакал да им честитам на граѓаните на Северна Македонија за нивната истрајност и да ги повикам да ги удвојат напорите за подобра иднина.
Земјоделците, жените и младите се ’рбетот на земјоделството, а нивната секојдневна работа нè одржува сите. Но и изборите што ги правиме како потрошувачи – поддршка на локалните производители, намалување на отпадот од храна и избор на здрава и разновидна исхрана – се клучни за иднината.
Оваа година, на 16 октомври, ве покануваме да ни се придружите во Скопје на заедничко одбележување на Светскиот ден на храната и 80 години на ФАО. Заедно ќе засадиме дрвја како симбол на нашата посветеност за позелено и поодржливо утре. Настанот ќе вклучи изложба, детски активности поврзани со ликовниот конкурс за Светскиот ден на храната и локален пазар на храна со традиционални производи и шумски плодови.
Ги охрабрувам сите да учествуваат и да придонесат во изградбата на посилни, позелени и поправедни агро-прехранбени системи – за подобро производство, подобра исхрана, подобра средина и подобар живот за сите.

Партнерствата се во сржта на мандатот на ФАО. Како ја гледате улогата на ФАО во поттикнувањето на подлабока соработка со Владата, граѓанското општество, приватниот сектор и меѓународните партнери за изградба на одржливи и отпорни агро-прехранбени системи во Северна Македонија?
- Партнерствата секогаш биле во центарот на мисијата на ФАО, а во Северна Македонија тие се основата на целата наша работа.
ФАО гради широки партнерства – со Владата, агенциите на ОН, граѓанското општество, приватниот сектор, академската заедница и развојните партнери – за посилна координација и поефикасна поддршка. Работиме во партнерство со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за храна и ветеринарство, Националната агенција за поддршка на земјоделството, Катастарот на недвижности, Националните шуми, Управата за хидрометеорологија и други национални партнери.
Соработуваме и со водечки академски институции – Факултетот за земјоделски науки и храна, Факултетот за шумарство, Ветеринарниот факултет и Градежниот факултет – за развој на истражувања, иновации и вештини за идните генерации. Здруженијата на земјоделци и стопанските комори се исто така клучни партнери за да стигнат реформите и иновациите до оние што ја произведуваат храната.
На меѓународно ниво, ФАО соработува со Европската унија, Зелениот климатски фонд (преку Кабинетот на Претседателот на Владата) и други финансиски институции за мобилизирање ресурси за климатска отпорност, рурален развој и одржливо земјоделство. Во рамките на ОН, тесно координираме со сродните агенции за напредок кон Целите за одржлив развој.
Во иднина, ФАО ќе продолжи да биде доверлив партнер и обединувач – поврзувајќи институции, земјоделци, граѓанско општество и меѓународни партнери, и претворајќи ги заедничките напори во конкретен напредок за поотпорни, поконкурентни и поодржливи агро-прехранбени системи во Северна Македонија, осигурувајќи дека никој не е изоставен.
Фото: ФАО