Гана депортира стотици луѓе кои бегаат од екстремистичкото насилство во Буркина Фасо
- Приближно 251 лице се протерани, од кои мнозинството се жени и деца кои побарале засолниште во Гана, според УНХЦР.
Акра, 13 јули 2023 (МИА) - Гана насилно депортирала стотици луѓе кои бегаат од насилството во Буркина Фасо, објави денеска Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР). Приближно 251 лице се протерани, од кои мнозинството се жени и деца кои побарале засолниште во Гана, според УНХЦР.
Високиот офицер за комуникации на УНХЦР, Алфа Сеиди Ба, изјави дека „тоа не била доброволна репатријација“.
Во соопштението, ОН ја повика Гана да ги прекине овие протерувања „и да гарантира пристап до територијата и азил на граѓаните на Буркина Фасо кои бараат меѓународна заштита“.
Според меѓународното право за човекови права, законот гарантира дека никој не треба да биде вратен во земја каде што би се соочил со тортура, сурово или понижувачко постапување или казнување. Во соопштението на ОН се вели дека Гана го прекршува овој принцип.
Од почетокот на јули, речиси 40 илјади луѓе заминаа, од кои половина побегнаа во Мали, повеќе од 11 илјади во Нигер и осум илјади во Гана. ОН соработуваат со властите во Гана за заштита на барателите на азил.
Министерството за безбедност на Гана соопшти дека обвинувањата дека лицата се протерани се неосновани и дека станува збор за државјани на Буркина Фасо кои сакале да се вратат. мс/
фото: МИА архива