• петок, 22 ноември 2024

Гамлиел: Меѓународната заедница треба да го промовира доброволното преселување на Палестинците од Газа

Гамлиел: Меѓународната заедница треба да го промовира доброволното преселување на Палестинците од Газа

Тел Авив, 20 ноември 2023 (МИА) - Израелската министерка за разузнавачките служби од владејачката партија Ликуд, Гила Гамлиел, изјави дека меѓународната заедница треба да го промовира, како што го нарече, „доброволно преселување“ на Палестинците од Појасот Газа на локации низ целиот свет.

Во авторски напис за „Џерусалем Пост“, таа истакна дека една од можностите по војната ќе биде „промовирање на доброволното преселување на Палестинците надвор од Појасот Газа“ од, како што наведе, хуманитарни причини.

Гамлиел изјави дека меѓународната заедница, место да насочува пари за реконструкција на Газа или за Агенцијата на ОН за палестински бегалци-УНРВА (UNRWA), може да помогне во трошоците за преселување на Палестинците во земјите низ светот.

„Мораме да пробаме нешто ново и ја повикуваме меѓународната заедница да помогне тоа да стане реалност“, посочи Гамлиел.

Министерката оцени дека тоа ќе биде решение за сите бидејќи цивилите од Газа ќе најдат, како што наведе, подобар живот, а тоа ќе биде и победа за Израел по војната.

Секое навестување за преселување на Палестинците е многу контроверзно во арапскиот свет, а Египет, кој се граничи со Појасот Газа, цврсто одбива да се справи дури и со привременото преселување на бегалците од Газа на негова територија за време на војната, велејќи дека тие мора да останат во Појасот, соопшти „Тајмс оф Израел“. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан