• сабота, 23 ноември 2024

Газета експрес: Емисарите го носат во Приштина нацрт-статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство

Газета експрес: Емисарите го носат во Приштина нацрт-статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство

Приштина, 21 октомври 2023 (МИА) – Петмината емисари на ЕУ, кои нешто по 10 часот пристигнаа во Владата на Косово на средба со косовскиот премиер, Албин Курти, според информациите на порталот „Газета експрес“, го носат со себе нацрт-статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство, подготвен од нивните тимови.

Овој нацрт-статут на Заедницата, според порталот, се заснова и на Пакетот на Марти Ахтисари, кој е и основа на Уставот на Косово.

Од претставувањето на француско-германскиот план за решавање на споровите меѓу Косово и Србија, кој беше сработен на почетокот на годинава, Западот инсистира косовската страна да излезе со нацрт-статут за Заедницата на општините со српско мнозинство, што се смета за клучен дел од договорот. Од косовска страна досега нема дејствија на тој план.

Идејата посредникот во дијалогот меѓу Приштина и Белград да го донесе нацрт-статутот на преговори ја изнесе шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел на летната академија „Кво вадис, Европа?“, во Сантандер, Шпанија од 21 до 25 август. Меѓутоа, случувањата на косовскиот север, поточно терористичкиот напад на 24 септември во Бањска, ги одложи активностите во тој правец.

На состанокот на 14 септември во Брисел, косовската страна го отфрли планот и редоследот предложени од медијаторите, со кои се предвидуваше имплементацијата на охридскиот анекс да започне со почетокот на изработката на документите за основање на Заедницата во замена за отстранувањето на фуснотата/ѕвездичката со која Косово е претставено на некои регионални форуми.

Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, придружуван од пратеникот на американскиот претседател Џо Бајден за Западен Балкан, Габриел Ескобар и високите советници на лидерите на Германија, Франција и Италија, допатуваа претпладнево во Приштина.

Дипломатите моментно се на средба во кабинетот на косовскиот премиер, Албин Курти, а потоа ќе продолжат за Белград, каде што ќе се сретнат со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Средбата на Вучиќ со петорката, според официјален Белград, е закажана за во 14 часот.

Како што е најавено, цел на посетата е да се постигне конкретен напредок во имплементацијата на Договорот на патот кон нормализација на односите меѓу двете држави и деескалација на состојбата по последните случувања во северно Косово.

Покрај Лајчак и Ескобар, делегацијата ја сочинуваат уште Емануел Боне, советник за безбедност и надворешна политика на францускиот претседател Емануел Макрон, Јенс Плотнер, советник на германскиот канцелар Олаф Шолц и Франческо Таљо, советник на италијанската премиерка Џорџа Мелони. иа/

Остани поврзан