• четврток, 19 декември 2024

Гавриловски МВП по третпат на Светско екипно првенство во компонирање на шаховски композиции

Гавриловски МВП по третпат на Светско екипно првенство во компонирање на шаховски композиции
Скопје, 28 септември 2022 (МИА) - Македонската репрезентација го освои шестото место на 11. Светско екипно првенство во компонирање на шаховски композиции (СЕПК) 2021-2022, остварувајќи го својот втор најдобар пласман досега, по делбата на 5.-6. место на 9. СЕПК 2012-2013. Велемајсторот за шаховски композиции (ВМ) Зоран Гавриловски третпат по ред (9., 10. и 11. СЕПК) е МВП со најмногу освоени поени од сите учесници на СЕПК и има свои 12 проблеми во топ-20, од кои 6 во топ-10 (вклучувајќи две трети места) на 11. СЕПК. Гавриловски освои 93,1 екипни поени (повеќе од екипните поени на 27 репрезентации), а мајсторот Георги Хаџи Васков освои 4,4 поени. Капитенот на репрезентацијата, ФИДЕ мајсторот Никола Столев за 11. СЕПК прати шаховски композиции и од него и од интермајсторот Златко Михајлоски, но тие не освоија екипни поени. - Моите и репрезентативните успеси неколку децении го афирмираат угледот на македонскиот проблемски шах и на државата, но тие успеси во сферата на т.н. „шаховска поезија“, за жал, како не ги интересираат надлежните органи, од кои нема никакво признание или валоризација, за разлика од посветуваното внимание и доделените средства за практичниот шах, каде што успесите се помали“, вели Гаврилоски, кој е вицешапион во групата самоматови на двете последни поединечни светски првенства во компонирање. На 11. СЕПК учествуваа 33 репрезентации (не и Русија и Белорусија, кои беа суспендирани) со по најмногу три шаховски композиции во секоја од осумте групи (80 двопотези, 69 трипотези, 61 повеќепотези, 68 студии, 86 помошни матови, 65 самоматови, 48 вилински проблеми и 73 ретро проблеми). Се компонираше на однапред зададени теми, а судиски тимови од по пет земји даваа оценки од 0 до 4 поени, но за екипите се сметаа само поените на нивните две најдобро пласирани шаховски композиции во секоја група. Првото место во вкупен пласман го освои Словачка, пред Украина, Германија, Србија итн. зс/

Остани поврзан