• петок, 22 ноември 2024

В петок дигитален саем за уписи во средно стручно образование

В петок дигитален саем за уписи во средно стручно образование

Скопје, 17 мај 2023 (МИА) – Дигитален саем за уписи во стручно образование во организација на Стопанската комора на Северна Македонија в петок во 11 часот ќе следат деветтооделенците во сите основни училишта во земјава. Саемот е алатка за промоција на стручното образование и поддршка на компаниите и стручните училишта во напорот да го привлечат вниманието на младите за запишување во средното стручно образование.

Целта на саемот е да ги информира деветооделениците и нивните родители за различните видови на квалификации и занимања кои се нудат, како и за можностите што ги нудат средните стручни училишта и компаниите во земјава вклучени во образовниот процес.

-На саемот преку неколку различни форми, панели, илустративни примери и видео презентации ќе бидат претставени 15 видови на квалификации и повеќе занимања кои се исклучително барани на пазарот на трудот. Ученици средношколци  ќе говорат зошто се запишале во соодветната квалификација или профил, што изучуваат и како ја реализираат практичната настава, а претставници на компаниите ќе ги објаснуваат работните задачи на занимањето. Директорите на средните училишта ќе ги претстават условите во стручните училишта, а завршени ученици од средното стручно образование, сега вработени, ќе ги раскажуваат своите успешни приказни, рече Наташа Јаневска од Стопанската комора на Северна Македонија на денешната прес-конференција.

Таа нагласи дека во 2019 година од вкупно запишаните ученици во средното образование, 64 отсто биле запишани во средно стручно образование, а годинава се запишале 69 отсто. Таргет на Комората, како што кажа, е 70 отсто од учениците да се запишуваат во средно стручно училиште.

Директорот на Центарот за стручно образование и обука, Шериф Мифтари истакна дека како образовна институција имаат многу добра соработка со Комората и додаде дека на тоа се должи зголемениот интерес за запишување во средното стручно образование кое продуцира кадри согласно потребите на пазарот на трудот.

-Ако во учебната 202/21 година 10.691 ученик беа запишани во средно стручно образование во учебната 2022/23 година нивниот број е 11.446 што претставува зголемување од пет отсто. Голем интерес во последно време има за дуалните паралелки, бидејќи компаниите заедно со локалните самоуправи и образовните институции почнаа да се интересираат за овој вид на образование кој им продуцира готови кадри, рече Мифтари.

Во учебната 2020/21 година, како што рече, во дуалното образование имало само 11 паралелки со 98 ученици, во 2021/22 имало 97 паралелки со 1.486 ученици, а во учебната 2022/23 година имало 225 дуални паралелки со 2.763 ученици. Во 2020/21 година дуални паралелки имало во осум средни стручни училишта, а во 2022/23 година во 61 од вкупно 75-те стручни училишта во земјава. Во 2020/21 година во дуалните паралелки се изучувале само две струки, а во 2022/23 година дури 14 струки. На почетокот само 11 компании биле вклучени во дуалното образование, сега нивниот број е 500, а бројот на ментори е зголемен од 400 на 900.

-Најголем интерес има за струките здравство и социјална заштита, потоа за економија, право и трговија и на трето место е за електротехника. Најмал интерес има струката геологија, рударство и металургија, потоа за графичката струка и за шумарство и доработка на дрво. Наша цел е средношколците да ги образуваме и да останат дома, прецизира Мифтари.

Јаневска посочи дека сега има автоматизирани машини и за струките за кои нема доволен интерес бидејќи во минатото претежно се работеле рачно и додаде дека токму на саемот преку видео презентација на дветтооделенците ќе им бидат презентирани и авотматизираните машини. вј/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан