• петок, 22 ноември 2024

Вучиќ: Целта на протестите против литиумот е да ме сменат и да го спречат развојот на Србија

Вучиќ: Целта на протестите против литиумот е да ме сменат и да го спречат развојот на Србија

Белград, 7 август 2024 (МИА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека дел од граѓаните се искрено загрижени за ископот на литиум, но дека вистинската цел на тие протести е негово отстранување од власт, како и давање поддршка на одредени странски сили кои не сакаат Србија да се развива и да направи значајна разлика во однос на другите земји од регионот, јави дописникот на МИА од Белград.

-Нема да има копање уште две години. Целата приказна и кревањето паника е сосема бесмислена. Некој друг го прави тоа. Зошто не прифаќаат да разговараме, јас понудив разговор, понудив разговор во Народното собрание, дури и референдум, да изберат дали на територијата на Лозница или на цела Србија, рече Вучиќ на РТС при обиколка на изградбата на брзата пруга Нови Сад-Суботица кај Врбас. 

Како што рече, веќе многу пати им понудил на луѓето во Лозница да разговара со нив.

-Но, да разговараме. А не да разговарам така што ќе кажете „еј Вучиќ, ќе дојдеме сега и со стапови ќе го направиме ова и она“. Затоа што со стапови нема да направите ништо. Знаеме што е почитување на правото, знаеме што е почитување на законите и ништо повеќе од тоа, рече Вучиќ.

Како што потенцираше, Србија ја имала несреќата што најлошите владееле со земјата во 2000 година со стапови, и, како што рече, имаа некаков полулегитимитет, а потоа сето тоа заврши многу лошо за земјата.

-Ќе ве потсетам, во 2008 година беше прогласена независноста на Косово, во 2006 година се одвои Црна Гора од нас, не заборавајте дека тогаш изгубивме 550.000 работни места, бевме четврти по големина на платитите. Денес, кога сме први, не мислам дека луѓето имаат објективна причина, секогаш сум подготвен да ги слушам сите незадоволни, да подадам рака, да разговараме, но нема да прифатам никаква уцена, барем јас не, можеби владата ќе го прифати тоа, рече Вучиќ.

Тој кажа и дека државата формирала тим од здравствени работници кои ќе ги испитуваат последиците од работата на тој рудник врз здравјето на граѓаните, и дека во него се одлични лекари, академикот на САНУ Бела Балинт, токсиколози и онколози. об/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан