• сабота, 21 декември 2024

Вучиќ: Трипати испративме барање до Хрватска за посета на Јасеновац во изминатата година и беше одбиено секој пат

Вучиќ: Трипати испративме барање до Хрватска за посета на Јасеновац во изминатата година и беше одбиено секој пат
Белград, 18 јули 2022 (МИА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ на денешната прес-конференција презентираше детали за одлуката на Загреб да не му дозволи приватна посета на Јасеновац. Како што изјави, трипати е испратено барање да го посети Јасеновац и секој пат бил одбиен од бесмислена причина, јави дописникот на МИА од Белград. - Првпат информацијата за забраната за моето одење во Јасеновац, случајно или не во српските медиуми не се појавува... Информацијата за моето неодење во Јасеновац ја објавува Јутарњи лист во седум часот и 20 минути. Зошто се случува ова? Затоа што мислеа дека ќе излеземе во јавност, но ние мислевме тивко да им предадеме нота на претставниците на Хрватска. Затоа тие тргнаа во напад со луди аргументи. Замислете, Вучиќ сакаше да дојде на наша територија да положиме цвеќе и да запали свеќа. Замислете каков хаос тие очекуваа, наведе Вучиќ. Тој  додаде дека во неколку наврати од Загреб стигнала порака да се пролонгира посетата, и молбата беше почитувана. - Всушност, на 2 септември 2021 година првпат контактиравме со кабинетот на Пленковиќ, со барање да го посетиме Јасеновац. На 4 септември добивме барање да ја одложиме посетата и го направивме тоа. Не известивме никого. Хрватска во секој случај ни е важна. Сакавме да спуштиме топка. Јас во март 2022 година го повторив барањето да го посетам Јасеновац. Добив порака да ниту сега не треба да патувам. На 4 март решив да го испочитувам тоа. Ние повторно не излеговме во јавноста. Потоа третпат го известив Милорад Пуповац дека доколку смета дека е потребно да го извести Плековиќ дека планирам да го посетам Јасеновац, да го направи тоа. Тој веројатно го направи тоа. Јас никогаш не ги поврзав Јасеновац и Олуја, но тие да, рече Вучиќ. - Реков дека една камера ќе отиде со нас. Ќе ја информиравме јавноста дека бевме таму. Срамота е што ниту еден српски претседател за време на својот мандат не бил во Јасеновац... Затоа сакав да заминам и да кажам дека нема да ги заборавиме жртвите што загинаа таму и ништо повеќе од тоа, изјави Вучиќ. Тој додаде дека во четвртокот, на 14 јули, добил искрена молба од премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, да не оди во Јасеновац. - Тие кажаа дека се збунети и дека неофицијално слушнале за посетата. Мојот советник за надворешни работи рече дека планот не бил покриен медиумски за да не ја испровоцира хрватската држава. Таа ме извести и реков дека не сакам да слушам бесмислици и дека само сакам да положам цвеќе. И потоа се случи сето ова. Мојот грев се сведе на тоа што сакав да одам во земја на ЕУ и да положам цвеќе. Ми изгледа нелогична забраната... Јас на море во Хрватска не одев, ниту го сакам тоа, само сакам во Јасеновац да одам, изјави претседателот на Србија. Тој најави „големи систематски промени во српското образование“ со цел да се зачува споменот на српските жртви. об/ми/

Остани поврзан