• недела, 22 декември 2024

Вучиќ: Повеќе од две третини од светското население не гласаше за резолуцијата за геноцид во Сребреница

Вучиќ: Повеќе од две третини од светското население не гласаше за резолуцијата за геноцид во Сребреница

Белград, 23 мај 2024 (МИА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека денеска на Генералното собрание на ОН во Њујорк, иако е усвоена резолуцијата за Сребреница, повеќе од две третини од светското население не гласало за резолуцијата, јави дописникот на МИА од Белград.

-Им благодариме за големата борба. Како што можете да видите, ова е пред се големо изненадување, речиси шок за многумина во салата во ОН. Видовте на почетокот колкава поделба тоа ќе предизвика, рече Вучиќ и додаде: „Бидејќи толку гласови, кога Американците, Русите, кој било предлагаат, тие не можат да добијат толку гласови колку што доби Србија на невозможна тема за нас. Дури и ако го погледнете тој распоред, во однос на населението, повеќе од две третини од жителите на земјината топка беа на наша страна“, рече тој.

Вучиќ особено се заблогадари на Кина,  Руската Федерација и Емиратите.

-Србија никогаш нема да го заборави ова. Огромна благодарност до нашите унгарски браќа. Словаците, Грците, Кипарците кои се осмелија да се воздржат, рече тој.

Вучиќ рече дека Србија денеска се борела пред Генералното собрание на Обединетите нации, дека направила се што можела и дека на сите им е јасно каков е вистинскиот резултат од гласањето.

-Јас вечерва ја завршив кариерата овде. Никогаш нема да ми простат за ова, а ова беше последниот клинец во ковчегот. Направив сè за нашата Србија. Тие направија сè за да не понижат. Ја издигнавме на височини. Не можам да кажам дека победивме, бидејќи такви се процедурите, но на сите им е јасно каков е вистинскиот резултат, изјави Вучиќ на новинарите во Њујорк, по усвојувањето на Резолуцијата за Сребреница.

Тој додаде дека не е дозволено да се држат национални знамиња во ОН и дека за тоа бил неколку пати предупредуван, како и членовите на семејствата на српските жртви кои на почетокот го држеле српското знаме во салата.

Тој нагласи дека Србија дала се од себе пред ОН, дека се борела и не се потпирала на помош, иако, како што рече, таа доаѓала од многу делови на светот. об/ссм/

Остани поврзан