• недела, 22 декември 2024

Вучиќ: Наша обврска е секогаш да бидеме со Р.Српска

Вучиќ: Наша обврска е секогаш да бидеме со Р.Српска

 

Белград, 3 август 2023 (МИА)-Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој заедно со премиерката Ана Брнабиќ е во посета на Република Српска и Милорад Додик на одбележување на Денот на сеќавањето на загинатите Срби во акцијата Олуја, порача дека Србија го почитува интегритетот на Босна и Херцеговина, но и дека никогаш не смее да се одрекне од тоа да Србите од двете страни на Дрина се ист народ, дека имаат ист јазик и писмо, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ кажа дека денеска имал долги разговори со раководството на Република Српска и дека ситуацијата не е лесна поради притисоците врз Србија и РС, како и дека меѓународната ситуација не е лесна.

-Не е лесна ниту едноставна ситуација за нас, за никого, поради се потешките притисоци и врз Србија и врз РС, поради се потешката ситуација во Украина. Она што е важно луѓето во РС да знаат е дека Србија секогаш ќе го почитува меѓународното јавно право, но никогаш нема да го заборави или да се откаже од својот народ. Никогаш повеќе нема да има блокади на Дрина, никогаш нема да има вртење со главата на страна кога се зборува за положбата на нашиот народ, и ние ќе се бориме. Ќе се бориме да бидеме свои, да опстанеме, да си го зачуваме името и презимето без да чепкаме никого, рече Вучиќ.

Вучиќ истакна и дека во стратешки интерес на српскиот народ во Србија и во Српска е да се зачува мирот, бидејќи времињата не се лесни.

-Ситуацијата во светот е тешка, има многу политички проблеми. Србија направи нешто во секоја општина во Р.Српска и во четирите општини каде Србите се мнозинство во Федерацијата Босна и Херцеговина. Некаде повеќе а некаде помалку, но секаде има барем еден проект што го поддржавме, рече Вучиќ.

Тој додаде дека патријархот на СПЦ побарал да се направи се што е можно за Р.Српска, и да во тешки времиња ништо не запрело. Тој нагласи дека српскиот народ во Република Српска знае дека ако никој друг нема да биде тука за нив, Р.Србија секогаш ќе биде тука.

Тој додаде и дека нема ништо против ако некој друг сака да им помогне на Бошњаците во Србија.

об

Остани поврзан