• петок, 20 декември 2024

Вучиќ: Важна средба со Фон дер Лајен, Србија останува посветена на европскиот пат

Вучиќ: Важна средба со Фон дер Лајен, Србија останува посветена на европскиот пат

Белград, 19 септември 2024 (МИА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека денешната средбата во Брисел организирана од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за лидерите од Западен Балкан е важна и дека ќе се разговара првенствено за европскиот План за раст на Западен Балкан, и посочи дека Србија останува посветена на европскиот пат и внатрешните реформи, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ изјави дека на работниот ручек ќе се разговара и за спроведувањето на поединечните реформски агенди, плановите на новата Комисија кога е во прашање процесот на проширување, како и за севкупните состојби во регионот.

-Нашата земја останува посветена на својот европски пат и внатрешните реформи со цел влез во ЕУ, но на прво место ни е важен подобриот живот на нашите граѓани, економскиот раст и развојот на земјата, напиша Вучиќ на својот Инстаграм профил.

Тој рече дека Србија затоа ќе продолжи да инсистира на конкретни чекори кон ЕУ, како што се пристапот до единствениот европски пазар и платежниот промет, воведувањето зелени коридори, натамошното привлекување на директни инвестиции, како и промените во целокупната економска и политичка атмосферата во регионот, бидејќи, како што истакна, „за секој напредок ни треба мир, стабилност и соработка“.

Покрај Вучиќ, на средбата и работнот ручек во Брисел присуствуваат и премиерите на Северна Македонија, Албанија и Црна Гора, Христијан Мицкоски, Еди Рама и Милојко Спајиќ, претседавачот на Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто и косовскиот премиер Албин Курти.

Сите партнери од Западен Балкан имаа обврска да ги достават до Брисел реформските агенди, предвидени во Планот за раст за Западен Балкан, со кој на земјите од регионот, им се дава пристап до дополнителна финансиска помош од шест милијарди евра во периодот од 2024 година до 2027 година.

Исплатата на средствата зависи од успешното спроведување на реформите наведени во реформската агенда на секоја земја-корисничка.

Европската комисија моментално ја финализира својата проценка за реформските агенди поднесени од партнерите од Западен Балкан. Кога ЕК ќе ги заврши оценките, Комисијата ќе се консултира со земјите-членки на ЕУ за време на претстојниот одбор на Инструментот за претпристапна помош (ИПА), а во случај на позитивно мислење, Комисијата ќе премине кон усвојување и одобрување на реформските агенди и, пред првите плаќања, ќе склучи договори за поволности и заеми со секој од корисниците.

Планот за раст за Западен Балкан се заснова на четири столба, чија цел е зајакнување на економската интеграција на партнерите од Западен Балкан со единствениот пазар на ЕУ, поттикнување на економската интеграција во регионот преку заеднички регионален пазар, забрзување на фундаменталните реформи и зголемување на финансиската помош за поддршка на реформите преку Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан.об/

 foto Instagram budicnostsrbijeav

Остани поврзан