• понеделник, 23 декември 2024

Вучиќ-Бербок: Патот во ЕУ е и усогласување со политиките

Вучиќ-Бербок: Патот во ЕУ е и усогласување со политиките
Белград, 11 март 2022 (МИА) – Воената агресија на Русија врз Украина, евроинтеграциите на Србија, регионални прашања со акцент на БиХ и дијалогот со Косово во фокусот на денешните разговори во Белград меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, јави дописиникот на МИА од Белград. -Европа повторно е во војна, а тоа се однесува на сите нас во Европа. Ниту Србија, ниту Германија не одлучија така. Тоа Путин го одлучи кога започна кампања без преседан. Во Украина се бомбардираат болници, има глад, луѓето се во бегство и бегаат во соседните земји, изјави на прес-конференцијата Бербок. Кога станува збор за војната во Украина, мора да има јасни ставови во целата меѓународна заедница и процесот на пристапување во ЕУ мора да вклучува подготвеност да се застане зад мислењето на ЕУ. Кој ги дели европските вредности не може да стои настрана, изјави Бербок во Белград. -Во овој момент мора да имаме јасни позиции не само внатре во Европа, туку и целата меѓународна заедница. Дел од пристапувањето во ЕУ е подготвеноста да се усогласат позициите со заедничките позиции на ЕУ. Во Генералното собрание на ОН, земјите јасно ја осудија руската агресија и одлуката на Србија да се приклучи се цени во Германија. Целта на оваа осуда беше претседателот на Русија, Владимир Путин и неговите милитантни помошници. Затоа е важно да имате јасен став, а не да ја вртите главата. Сега треба да следат дела, луѓето на Балканот знаат што значи војна и колку е скапоцен мирот, кажа таа и додаде дека мора да се спротивставиме на идејата дека границите може да се менуваат со сила и да мораме активно да работиме на мирната иднина на Балканот. Бербок порача дека Германија во иднина ќе биде поприсатна на Западен Балкан. -Ние се залагаме по изборите да се најдат владите на Србија и Косово и да најдат решение. Ние сме против загрозување на територијалниот интегритет на БиХ и видовме колку е важно тоа да се зачува, кажа таа, додавајќи дека брзината за влез на Србија и на другите земји во ЕУ зависи од нивните постапки, а не од нечија одлука. Српскиот претседател Александар Вучиќ одговорајќи на новинарско прашање дали е подготвен да се дистанцира од Владимир Путин, а што позитивно ќе се одрази на преговорите на Србија со ЕУ, кажа дека „од почеток на нападот на Украина немал личен контакт со руските официјални лица така да нема од што да се огради, бидејќи позицијата на Србија кон Украина е јасна.“ Вучиќ праша што згрешила Србија и каква врска има со конфликтот во Украина. -Не зборуваме за личности и кај нема љубов и омраза, туку за почитување на меѓународното јавно право и нормите. Исто како што Украина ги почитуваше по прашањето на Србија и територијалниот интегритет на Србија. Така и ние го почитуваме територијалниот интегритет на Украина и никогаш не се изјаснивме против тоа.  И во Генералното собрание на ОН, ние поддржавме дека нападите и заканите за територијалниот интегритет на Украина се неприфатливи, не затоа што сакаме некого или не, туку затоа што тоа се норми на меѓународното јавно право, кажа Вучиќ. На прашањето дали е на страната на Путин или на санкциите, Вучиќ рече дека  „би можел да зборува за тоа, кој и какви санкции по потреба се воведуваат и кога ќе бидат воведени, но разговарав за тоа со Бербок и и благодарам што сакаше да ги слушне ставовите на Србија“. об/аа/

Остани поврзан