• понеделник, 23 декември 2024

Вучевиќ: СНС нема да бара зголемување на изборниот цензус од три на пет отсто

Вучевиќ: СНС нема да бара зголемување на изборниот цензус од три на пет отсто

Белград, 18 септември 2023 (МИА) – По вчерашната изјава на српскиот претседател дека вонредни избори ќе распише „до крајот на годинава, до 31 декември за нивното одржување да може да биде околу 4 март“, денес реагираше лидерот на владеачката Српска напредна странка (СНС) и министер за одбрана, Милош Вучевиќ, кој изјави дека враќањето на изборниот цензус на пет проценти, наместо на три како што е сега, е тема за која може да се разговара кога се во прашање изборните услови, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучевиќ кажа дека СНС не сака да биде нефер кон опозицијата и во тој дел изборните услови да се менуваат неколку месеци пред изборите.

Коментирајќи ги наводите во медиумите дека „Белград е во конфронтација со сите соседи“, Вучевиќ рече дека тоа не е точно и дека не постои „проблем ни со кого“.

Според Вучевиќ, писмото на проевропската опозиција за вонредните парламентарни и белградски избори, кое опозицијата го испрати до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а кое тој синоќа го презентираше во јавноста содржи многу контрадикторни барања.

-Барањата на опозицијата се конфузни и варираат од најжестоки закани доколку се распишат изборите, до тоа што по четири месеци заклучија дека треба да се одржат избори. Особено интересно е писмото што го испратија до претседателот Вучиќ, а нивното барање е изборите да се распишат до крајот на годинава. Нивното одржување би се случило на почетокот на март 2024 година, изјави Вучевиќ во гостувањето на ТВ Пинк.

Тој додаде дека кога „ќе има 10 акушерки, тогаш детето ќе биде килаво“. Според него, СНС е подготвена да разговара со претседателот Вучиќ и другите партии за излегување на избори, но дека никој нема право однапред да каже дека некои избори ќе се одржат, а други не.

-Ние имаме редовен термин за одржување на локални и покраински избори (Војводина), додаде Вучевиќ. об/сд/

Остани поврзан