• среда, 25 декември 2024

Вуков освои 17 бода во Римини

Вуков освои 17 бода во Римини
Римини, 6 јуни 2021 (МИА) - Македонскиот автомобилист Ристо Вуков успеа во два наврати да освои поени со „топ 10“ пласмани, и тоа на отворањето од јубилејното 15. издание од Порше Карера Куп Италија. Тој освои седум бода во првата трка, односно десет бода во втората трка. Во генералниот пласман тој е на 8. место со 17 бода. Променливите услови за возење подразбираа учество во квалификации во 11 часот наутро, потоа прва трка возена ноќе по рефлектори и втора трка возена во најжешкиот интервал од денот, околу 14 часот, со што беше ставен акцент на инженерската работа и подготовката на возилото. - Откако на слободните тренинзи возев само претпладнето (поради дефект), имав преголема желба за да го покажам напредокот од лани уште во квалификациите. Една ситна грешка со подоцнежно притискање на сопирачките го компромитираше моето најдобро време за четири десетинки и одеднаш се најдов на 17. место. Анализата со инженерите ја направивме со студена глава и без суета, извлековме поуки и видовме како може да се подобриме. Не ми беше сеедно што стартувам далеку од позицијата меѓу првите 10 која што ја посакував, но во првата трка успеав да надополнам и уште од стартот се поправив за 2-3 позиции. Темницата поради слабото осветлување - колку што ми беше проблем мене - им беше очигледно проблем и на ривалите кои направија бројни грешки и контакти. На крај 9. место ми се виде како да сум дошол блиску до подиум, а од таа позиција подоцна стартував и во втората трка. Асфалтот во оваа трка „гореше“ и беше достигната температура од речиси 50 степени Целзиусови и морав да ги штедам гумите, но откако избив на седмо место, имав ситуација во која ниту јас напредував, ниту другите ме стигаа. Во последните кругови имав исто темпо со победникот во трката и тоа многу ми значи за самодовербата. Целта ми е на следниот викенд во Муџело да се подобрам во квалификациите и да имам уште подобри резултати, свесен сум дека тоа е можно! На крајот, сакам да изразам благодарност до сите кои ми помогнаа да смогнам сили и да учествувам на оваа трка, пред се Агенцијата за млади и спорт, Саник, Компанија Атанасовски, Халк Осигурување и уште многу други. Ланскиот шампион и победник во втората трка, Симоне Јакинта, има 60 бода, колку и Албеерто Черки, па обајцата водат на табелата. Следниот гран при викенд се вози на патеката Муџело крај Фиренца, при што повторно ќе има две трки, на 3 и 4 јули. зс/

Остани поврзан