• понеделник, 23 декември 2024

Вуков оптимистички ја најави трката во Мизано

Вуков оптимистички ја најави трката во Мизано
Римини, 4 јуни 2022 (МИА) - Со второто Гран при кое се вози во Мизано (Римини), на автодромот „Марко Симончели“, викендов продолжува тркачката серија Порше Карера Куп Италија. Македонскиот возач Ристо Вуков во својот прв настап од третата сезона на Имола освои четири бода во двете трки и сега е на најдобар пат да ја продолжи низата со освојување поени, откако лани финишираше во поени на секоја трка. Во пресрет на новиот гран при викенд Вуков имаше приватни тренинзи, најпрвин во Крагуевац каде што физички се оптовари тренирајќи со картинг, а потоа и со екипата „GDL Racing“ на Џанлука ди Лоренцо со која настапува во Порше Карера Куп Италија. Сето ова придонесе за добро чувство во автомобилот и лесен старт на гран при викендот. Убавото време во Римини созаде предуслови за одлично шоу, па така повторно имаше 20 возачи во иста секунда. Овој пат, Вуков во првата квалификациска сесија беше осми со време 1:36.536 и за прв пат по подолго време влезе во втората сесија (провизорната пол позиција на Алесандро Џиардели беше 1:36.212). Но во втората квалификациска сесија не можеше да го повтори најбрзото време бидејќи ги истроши двата сета на пневматици (1.36.951), наспроти фактот дека времето на провизорната пол позиција беше подобрено од Џорџо Амати (1:36.012). - Конечно во втората квалификациска сесија! Во првата бев на 8. место со само три десетинки од првото време. Во втората успеав да бидам само на 14 место поради истрошени гуми. Презадоволен сум, пред се од себе и од тимот за огромниот напредок. Конкуренцијата е многу силна, во една секунда има 20 возачи, што за мене претставува големо задоволство. Следува ноќна трка, која ќе се емитува на ТВ24 со почеток од 22:30 часот. Ќе дадам се од себе за да Ве израдувам сите,- напиша Рико на својата официјална страница. Истовремено, овој викенд Вуков даде и интервју за италијанските медиуми, во кое открива дека сака да напредува во кариерата и да настапува на Порше Супер Куп, а во иднина да стане и професионален тест возач. зс/

Остани поврзан