• вторник, 05 ноември 2024

Втор месец минералната вода кај тетовско Бањиче не е исправна за пиење, да не се користи

Втор месец минералната вода кај тетовско Бањиче не е исправна за пиење, да не се користи

Тетово, 13 јуни 2024 (МИА) - Втор месец по ред, испитувањата на Центарот за јавно здравје во Тетово покажуваат дека минералната вода кај тетовската излетничка месност Бањиче не е исправна за пиење и затоа се препорачува да не се пие.

Од Центарот велат дека и покрај нивното предупредување пред еден месец и понатаму граѓаните не се воздржуваат, па одат до двата извори да пијат од водата, се мијат, а некои земаат и за дома полнејќи шишиња.

Со оглед на високите температури местото има зголемен интензитет на посети, а со тоа и многу луѓе пијат од таа вода.

- Повторените анализи на минералната вода повторно покажаа дека кај чешмата кај кривината имаме микробиолошко загадување на минералната вода, а кај џамијата и микробиолошки и физичко-хемиски. Кај кривината колиформни бактерии и ешерихија коли, а кај џамијата и колиформни и ешерихија коли, ентеробактерии, зголемување на вкупен број на бактерии и зголемена концентрација на манган. Не се препорачува за пиење водата во месноста Бањиче. Обично ние вршиме четири пати во годината, меѓутоа поради тоа што многу луѓе рекреираат во овој период од годината, направиме секој месец да ги испитуваме тие две минерални води, изјави д-р Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје Тетово.

Давидовски вели дека кога ќе ги добијат резултатите од лабораторија оставаат лист на самото место, но граѓаните тој документ го игнорираат, па дури и ја уништуваат хартијата.

- Ние кога ќе ги ставиме резултатите, кога ќе ги залепиме, во рок од два часа се тргнуваат листовите. Нас ни велат: дедо ми пиел од оваа вода, ништо не е. Да, можеби дедо ти пиел ама нешто сигурно во животот му се има случено ако пиел од таа вода. Друг интересен феномен е што порано, кога ги испитувавме тие води, имавме многу ретко лош резултат, небезбеден. А сега голема реткост е да бидат безбедни резултатите. Имаме таму човечка активност, каптажите не ги знаеме кај се. Тоа се природни минерални води, па затоа не знаеме од каде се. Ама очигледно е дека има движење и човечка активност во тој басен. Некаде пет или шест има изворишта од каде што најмногу се експлоатираат овие два што ги испитуваме, истакна д-р Давидовски.

Тој потсетува дека може да дојде до нарушување на човековото здравје, од гастроинтестинални нарушувања па до секаков вид на болести кај човековиот организам.

- Апелот е дека водата не е безбедна за пиење. Јас често пати кажувам дека кога почнува да се оди кон Бањиче, на првата чешма која е од 6 до 8 степени. Водата е од градски водовод, која се дезинфицира, па да се наполни едно шише и таа вода да се користи и нагоре и надолу. Минералните води не се безбедни и на двете места да се користат, повтори Давидовски.

Месноста Бањиче се наоѓа на два километри од Тетово во правец кон реката Пена. Долж реката има пешачка патека која се користи за пешачење, трчање и возење велосипеди. ас/мд/

фото: МИА 

Остани поврзан