Втор ден расправа за Годишниот извештај на Советот за јавни обвинители за 2020 на Комисијата за политички систем
- Во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците се уште тече расправата за Годишниот извештај на Советот за јавни обвинители за 2020 година. И денеска, втор ден од расправата, прат
Скопје, 3 февруари 2022 (МИА)- Во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците се уште тече расправата за Годишниот извештај на Советот за јавни обвинители за 2020 година. И денеска, втор ден од расправата, пратениците од опозицијата критикуваа дека извештајот е задоцнет и му забележаа на Советот дека не почнал постапки против јавните обвинители кои не си ја вршеле работата како што треба.
Претседателот на Советот Антонио Јолевски повтори дека Советот нема ингеренции да поведува дисциплински постапки и дека тој е второстепен орган во постапките за утврдување одговорност на јавните обвинители.
Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека дел од јавните обвинители се однесувале како поп-ѕвезди и биле во спрега со власта и гонеле само неистомисленици на владејачките партии.
- Во извештајот е констатирано дека јавните обвинители имаат пропусти од формална и од суштинска природа. Од Вишите јавни обвинителства им било укажувано во иднина да не се повторуваат ваквите повреди. Меѓутоа, констатирано е дека истите не влијаеле на законитоста на донесените одлуки. Сметам дека воопшто не треба да има пропусти оти ако јавните обвинители направат пропуст, може да одлучуваат за нечија судбина и нечиј живот, рече Стојаноски и праша зошто ако е констатирано дека некој јавен обвинител направил суштински пропуст против него не е поведена ниту дисциплинска постапка, а камоли да биде разрешен.
- Токму заради тоа што прават суштински пропусти и никој не ги санкционира, тие обвинители наместо да си ја вршат работата, станаа поп-ѕвезди по телевизиите и изнесуваат податоци кои не треба да ги соопштуваат, нагласи Стојаноски.
Претседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски истакна дека самостојноста на јавните обвинители е загарантирана и никој не треба да се меша во нивното одлучување, а доколку се утврдат повреди, за тоа се овластени Јавниот обвинител и Вишите јавни обвинителства да поведат постапка или дисциплинска или да побараат од Советот разрешување.
- Советот за јавни обвинители нема надлежност да води дисциплинска постапка и повторно ќе повторам тој не е Судски совет, туку Совет на јавни обвинители, кој е второстепен орган во постапките за утврдување одговорност на јавните обвинители, потенцира Јолевски, кој рече дека се потребни законски измени за да се зголеми надлежноста на Советот.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова рече дека Советот може да побара законски измени за да му се зголемат ингеренциите.
- Кога формирате едно ново тело во системот, вие однапред мора да знаете што очекувате од него, колку кадар ќе влезе во него, дали има средства, дали има простор, за да може функцијата која сте му ја довериле да ја реализира. И тука е проблемот голем. Бидејќи, неколку години потоа ние велиме дека нема ни основни претпоставки за добро вршење на функцијата а тоа е правна рамка која ќе му гарантира надлежност врзана за контрола на јавните обвинители, рече Силјановска Давкова.
Таа се осврна на начинот на кој пред неколку години биле бирани јавни обвинители и рече дека тие биле бирани со партиски договори, а не според принципот, кој бил најдобар.
Силјановска Давкова посочи дека од 153 иницијативи на антикорупциски комисии во овие 30 години, само три биле процесуирани од јавните обвинителства.
- Кога зборуваме за системи во кои цврсто се застанало во битката со корупцијата и криминалот, секогаш во заднина стоеле некои независни антикорупциски тела. Е, еве, каков е односот кон антикорупциска. Сакам да кажам дека Јавното обвинителство, заради хиерархијата и субординацијата и преголемата моќ, не се потресува многу од вас, бидејќи очигледно има влијание во креирањето на законите, бидејќи како поинаку да го толкувам ова, кога правната фела, морала да знае дека вие мора да имате контролни механизми за да може да го контролирате Јавното обвинителство, како што ние сме контролор. Сега вие имате аргументација, колку права толку обврски, истакна Силјановска Давкова.ир/цр