Втор ден од Министерскиот форум ЕУ - Западен Балкан за правда и внатрешни работи
- Со Втората сесија посветена на правда, на која ќе се дебатира на теми „Владеење на правото и судски реформи“ и „Напредок во заедничките активности во врска со руската воена агресија врз Украина“, денеска во Скопје продолжува Министерскиот форум ЕУ - Западен Балкан за правда и внатрешни работи.
Скопје, 27 октомври 2023 (МИА) - Со Втората сесија посветена на правда, на која ќе се дебатира на теми „Владеење на правото и судски реформи“ и „Напредок во заедничките активности во врска со руската воена агресија врз Украина“, денеска во Скопје продолжува Министерскиот форум ЕУ - Западен Балкан за правда и внатрешни работи.
По завршувањето на сесијата, заедничка прес-конференција ќе одржат еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс и министрите за правда на Кралството Шпанија и на Република Северна Македонија, Мариа Пилар Лоп Куенка и Кренар Лога.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека одржувањето на Министерскиот форум во Скопје претставува уште едно признание за државата.
-Ми претставува особена чест и задоволство што и годинава, а вторпат за време на мојот мандат, доаѓа уште едно признание за Република Северна Македонија и МВР - честа да бидеме домаќини на Министерски форум за правда и внатрешни работи ЕУ - Западен Балкан во Скопје на 26-27 октомври 2023, напиша Спасовски на неговиот службен ФБ-профил во пресрет на одржувањето на форумот.
На дводневниот Министерски форум ЕУ - Западен Балкан за правда и внатрешни работи, кој се одржува во рамки на Претседателството на Кралството Шпанија со Советот на Европската Унија, учествуваат министри за правда и внатрешни работи на државите од Западен Балкан и на државите на Европската Унија кои го претставуваат актуелниот претседавач Кралството Шпанија и наредните две држави претседавачи Белгија и Унгарија, европските комесари кои се надлежни за внатрешни работи и правда, директорите на европските агенции – Европол, Фронтекс и Европравда, како и останати високи претставници на меѓународните организации од областа на правда и внатрешни работи.
Вчерашната прва сесија од Министерскиот форум беше посветена на областа внатрешни работи со фокус на темите „Внатрешна безбедност“ и „Зајакнување на управувањето со миграција, азилот и надворешни граници“. дма/са/
Фото: МВР