Второ издание на „Светлината на Гонџе“: Мајка Тереза го разубави поимот човек во темнината на безграничната алчност
- Мајка Тереза не беше само хумана личност, како што погрешно се перцепира во дел од јавното мислење, туку таа пред сè беше патент на еден посебен систем на однесување и пристап кон острите дух
Скопје, 26 август 2022 (МИА) - Мајка Тереза не беше само хумана личност, како што погрешно се перцепира во дел од јавното мислење, туку таа пред сè беше патент на еден посебен систем на однесување и пристап кон острите духовни прашања со кои никој друг не се справуваше и не знаеше подобро од неа.
Ова денеска го нагласи Скендер Асани, директор на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, на второто издание на традиционалната културно-научна манифестација „Светлината на Гонџе“, која се совпаѓа со 112-годишнината од раѓањето и 25-годишнината од смртта на Мајка Тереза.
- Годинава, кога го организираме второто издание на традиционалната културно-научна манифестација „Светлината на Гонџе“, успеавме да активираме широк спектар на интелектуални и институционални ресурси во и надвор од нашата земја, затоа што сметаме дека не е доволно да имате во ваши раце голема хуманитарна и цивилизациска кауза како што е Мајка Тереза, туку ви треба и конкретна стратегија за трансформирање на оваа кауза по поширока диоптрија, рече Асани.
Да се занимаваш со животот и делото на Мајка Тереза, посочи тој, не е едноставна рутинска работа, туку конфронтација со непознатите кои се појавуваат при навлегувањето во нејзиниот комплексен и повеќедимензионален свет.
- Како Институт, настојувавме да ја третираме оваа фигура на едно микроскопско ниво, извлекувајќи ги од нејзиното духовно и човечко богатство најскапоцените бисери, со кои таа се украсила себе си, а повеќе и другите. Пред се, таа го разубави поимот човек во темнината на безграничната алчност, порача Асани.
Оваа година, рече, Институтот започна да го издава и првото литературно списание со научен и културен карактер „Светлината на Гонџе“, кое, како што кажа, освен што е отворен форум за дискурзивна мисла за мултидимензионалноста на животното искуство на Мајка Тереза, „нуди и идеална можност да се создадат мостови на интерактивност помеѓу авторите и различните истражувачки центри кои како заеднички именител имаат моќ да влијаат и да ја рефлектираат оваа жена од планетарни размери“.
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби под чие покровителство се одржува оваа манифестација, се обрати кусо на настанот и ја цитираше изреката дека „Нашата нација не се цени по тоа колку ценети луѓе има сама по себе, туку според начинот на кој ги цени тие луѓе.“
Присутните и оддадоа почит на Мајка Тереза со положување свежо цвеќе на локацијата на нејзината родна куќа која е означена со комеморативна плоча на плоштадот во Скопје. мс/аа/