• понеделник, 23 декември 2024

Втора сесија од дебатата за полиграф за интегритет: Сите што се лојални и чесни не треба да стравуваат

Втора сесија од дебатата за полиграф за интегритет: Сите што се лојални и чесни не треба да стравуваат

Скопје, 19 март 2024 (МИА) - Втора сесија од дебатата дали да се воведат полиграфи за службеници кои работат на високоризични работни места на граничната линија со цел се превенира можна корупција одржа денеска владиниот Национален координативен центар за гранично управување, а учествуваа претставници на невладин сектор, здруженија на автобуски и камионски превозници, стопански комори и полициски и царински синдикати.

Претставувајќи го проектот, националниот координатор за гранично управување, Владимир Пивоваров, укажа дека корупцијата е главен фактор за сивата економија која го спречува порастот на БДП и развојот на економијата, а подмитени службени лица на границите може да бидат и закана по безбедноста доколку пропуштаат дрога или оружје. 

Нагласи дека полиграфот е тест за да се утврди чесност и интегритет и професионалците што ги имаат овие одлики не треба да стравуваат од овој начин на проверка, која е планирана да се применува пред стапување на должноста и потоа еднаш годишно. Посочи за пример земји во светот, како Турција и Сингапур, кои ги напреднале значајно своите економии и неколкукратно го  зголемиле БДП-то откако ја решиле корупцијата. 

- Почетокот на секоја сива економија почнува на граничната линија. Полиграфот е изнудено, крајно решение за распространетата корупција зашто моралната свест кај нас е нула па и падната под нула. Ако продолжиме вака, корупцијата сите ќе не уништи, ќе отидеме во клептократија и затоа таа мора да се реши. Ова е благородна идеја и не треба никој да се плаши ако е чесен, истакна Пивоваров и додаде дека врз борбата со корупцијата негативно влијаат и долгите и лошо водени истраги и судските постапки со изречени условни казни за корумпираните службеници.

Предлогот предвидува полиграфот да се спроведува еднаш годишно задолжително за секој кој работи на ризично работно место на граница. Тестот ќе го прават лиценцирани професионалци со најсовремени апарати за детектирање лаги и доколку службеникот падне на тестот, ќе биде отстранет од работното место.

Никола Божиновски, претставник на компанијата „Полиграф центар“ го појасни функционирањето на полиграфот – систем со повеќе сензорни компоненти кој, меѓу другото, следи промени во дишењето, срцебиењето и психофизиолошка реакција кај испитаникот од одредени прашања (стимул) за одреден настан. Апелираше дека не треба да постои страв од тестирањето со детектор на лаги, кој е специфичен тактичко-методолошки процес, и дека тој ќе се применува по сите професионални и етички стандарди. 

-Реакцијата е последица на автономниот нервен систем на секој човек што не можеме своеволно да го контролираме. Тој работи самостојно, без наша контрола, исто како што кога спиеме не го тераме нашето тело да дише, туку автономниот нервен систем му кажува да дише. Точноста на полиграфскиот уред според најновите научни истражувања изнесува дури 97 проценти, што е највисоко ниво  во однос на сите истражувања за детекција на лагата... Не гледам причина некој да не се подвргне на полиграфски тест за да ја докаже својата невиност околу некој кривичен настан за кој постои сомнеж за вклученост... Со помош  на овој систем, сите што се искрени и работат согласно правилата на работење, не треба да стравуваат за своето работно место. Секој што е лојален кон институцијата во која работи, не треба да има сомнеж дека овој процес ќе му наштети. Затоа не гледам причина да не се прифати овој позитивен предлог кога сите сме свесни за штетноста од корупцијата, рече Божиновски.

Посочи дека во земјава има четворица лиценцирани испитувачи, од кои двајца се во приватен и двајца во јавен сектор, а нивната компанија „Полиграф центар“ е лиценцирана и за обука на идни полиграфисти доколку овој проект биде усвоен. 

За учесниците на дебата идејата е прифатлива, но сметаат дека треба да се разгледаат и други аспекти за корупцијата.  

Ѓино Шкријељ од секторот шпедиција смета дека потребен е осврт и на причините за корупцијата и да се разгледа што го мотивира коруптивното однесување.  Рече дека неа ја зголемуваат и санкциите односно високите казни за прекршоци кои доколку не би биле толку драстични, не би имало подмитување. 

-Причини за коруптивност се санкции и нефункционирање на системот. Затоа што институциите се неефикасни и за некој документ транспортерот мора да чека долго, се бара чаре во врски, во пријатели, зашто му трпи работата. Треба да се интервенира во казните за прекршоци, да не бидат толку драстични. Ако се високи, ќе има и подмитување. Фокусот да биде и на причините за корупција паралелно со последиците, истакна Шкријељ.

Гоце Делчев од Независниот синдикат на полицијата рече дека силно ја поддржуваат идејата за овој проект со кој смета дека треба да бидат опфатени и повисоки структури, како началници, помошници директори, помошници министри...

-На овој начин, кога парите ќе останат во буџетот, ќе дојдеме и до поголеми приходи за полицијата. Тие ќе бидат позадоволни и општеството ќе ни биде на повисоко ниво, рече Делчев.

Катерина Малетиќ од транспортен сектор смета дека идејата за полиграф е одлична за искоренување на корупцијата, но проблемот, според неа, е и во неказнивоста  дури и кога корупцијата е докажана.

-Сме имале случаи и кога граничар е снимен како зема мито. Дури и при цврсти докази, нема завршница и така сѐ паѓа во вода, рече Малетиќ, според која вината во корупцијата е поголема кај тој што го примил митото зашто е официјално лице. 

Владата во февруари на седница донесе одлука да се организира јавна дебата во пет сесии за иницијативата да се воведе полиграфско тестирање. Планот е до средина на април тие да завршат и Националниот координативен центар за гранично управување да достави извештај до Владата. Доколку Владата го усвои, извештај ќе биде пратен во Собранието. хс/ев/  

Фото: МИА

Остани поврзан